Левица обвини дека СДСМ избегнува да заземе јасен став за предлогот Македонија да стане една изборна единица, оценувајќи дека партијата наместо да учествува во суштинска дебата, темата ја пренасочува кон политички обвинувања. Од партијата велат дека одбивањето на координација меѓу опозициските субјекти претставува пропуштена можност за заеднички настап околу измените на Изборниот законик.
Според Левица, СДСМ со години јавно се залагала за една изборна единица, но сега не покажува подготвеност да разговара за таква реформа. Од партијата тврдат дека актуелниот изборен модел му одговара на СДСМ бидејќи, како што наведуваат, овозможува непропорционална распределба на мандатите и политичка корист за поголемите партии.
Во соопштението Левица упати критики и за политичкото делување на СДСМ во изминатите години, потсетувајќи на измените на Кривичниот законик и на последните локални избори во Скопје. Од Левица прашуваат дали СДСМ ја поддржува идејата за воведување една изборна единица.
