Штипските археолози ја дефинираа целосната концепција на петоапсидалната базилика на локалитетот Кале во Крупиште, кој е познат и по археолошките истражувања на Блага Алексова, пред повеќе од четири децении.
Академик Алексова врз основа на истражувањата и пронајдените предмети на кои се испишани букви од глаголицата сметала дека од ова место почнала да се шири писменоста, односно дека токму локалитетот Кале бил градот Равен, каде што Кирил ја напишал глаголицата, а неговиот брат Методиј бил епископ.
„Таму се постигнаа солидни резултати. Ја дефиниравме целата концепција, односно целата црква, се истражи мартириумот, и така го дефиниравме значи целиот тој простор и се надевам дека понатаму ќе можеме и таа црква да се конзервира, бидејќи мислам дека е единствената црква во Македонија, катедрала каде што се откриени откриена е глаголицата -значи парче камен со глаголицата. Таму стои и митот дека од Светите Петнаесетте Тивериополски маченици се донесени моштите во оваа црква“, вели Митко Штерјов археолог во ЗЗС и Музеј на град Штип.
Во грамотите на цар Душан е забележано и дека во 1355 година двапати одржал состаноци во Крупиште. Археолошките истражувања се реализираат преку Програмата на Министерството за култура, а деновиве штипските археолози работат на доцноантичката некропола на локацијата Џамлџиски гробишта на 500 метри од локалитетот Баргала, каде што се пронајдоа гробници.
Викторија Димитрова Јованова
