Министерството за внатрешни работи (МВР) објави јавен повик за прием на 200 редовни ученици за Средното полициско училиште “7 мај“ при Полициската академија. Редовните ученици, кандидати, кои завршиле втора година средно образование во средните училишта на територијата на државата треба да исполнат општи и посебни услови за прием и селекција.
Четирите општи услови, утврдени со закон и подзаконски пропис донесен врз основа на закон, се да се државјани на Македонија, да немаат наполнето 18 години на денот на објавување на конкурсот, активно да го користат македонскиот јазик и да се здравствено и психофизички подготвени.

Посебните услови се однесуваат на општиот успех во двете завршени години средно образование да биде најмалку „добар“ и на ученикот да не му се изрекувани педагошки мерки во училиштето каде што ги завршил прва и втора година средно образование, да ги поседува потребните моторички способности, да го положи општообразовниот тест, како и успешно спроведено интервју, односно поединечен разговор со кандидатот.
Ова е прв јавен повик за упис на редовни ученици во Средното полициско училиште „7 мај“ по пауза од 26 години. Последната 24-та генерација во Средното полициско училиште се запиша во 1996 година и заврши во 2000-та година, а со примената на ова законско решение ќе се продолжи со 25-та генерација ученици во Средното полициско училиште.
