Вести Македонија

Доцнат субвенциите за тутунот

Во тек е садењето на тутунот на македонските ниви и во време кога тутунарите ја имаат најголемата инвестиција  се уште на нивните сметки немаат ниту денар на име на субвенции, реагираат од Националната мрежа на земјоделци.

Ѓорѓи Каракашев од оваа земјоделска мрежа вели дека истиот проблем со субвенциите го имаат сточарите и производителите на житни култури, кои за неколку дена ќе ја почнат и жетвата на јачменот. Забележува дека не се согласуваат и со новиот начин на исплата на субвенции, како и од висината на средствата.

„Со самата одлука, објавувањето на одлуката на Владата, ние Националната земјоделска мрежа кажавме дека не се согласуваме, затоа што и по обем се многу мали средствата, а исто така се и условени. Од оваа година се применува услов 30% од предаденото производство во регистриран откупен пункт. Во услови кога ние немаме гарантирани откупни цени, ние сме едноставно оставени на милост и немилост на трговците, кои одредуваат цени кои што се под производните цени“ – изјави Ѓорѓи Каракашев од Националната земјоделска мрежа.

Поради ваквата ситуација со трговците земјоделците се принудени да ги предаваат своите производи под производната цена и според Каракашев ова е потценувачка позиција и земјоделците ги носи кон загуби. Направиле и анализа и споредба колку државата инвестирала пред 10 години и сега во развојот на земјоделството и сточарството преку исплатата на субвенциите.

„Во 2015 година имавме проектиран национален буџет од 2,8 милијарди евра, а во 2025 имаме проектиран буџет од 6,8 милијарди евра. Што значи ако ги споредиме процентуално тогаш е било 4% од бруто националниот буџет,а оваа година имаме околу 1%. Од самото тоа се гледа колку имаме драстично намалување на процентот за субвенционирање на земјоделците“ – додава Каракашев.

Пресметките на Националната земјоделска мрежа покажуваат и дека има и зголемен увоз на земјоделските производи, лани се увезени производи над една милијарда и 200 милиони евра, а пред десет години нивната вредност изнесувала околу 500 милиони евра. Затоа според нив е потребно заштита на македонските производи.

Викторија Јованова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Ѓорѓиевски од „Македонско прасе“: Неопходни се засилени контроли

Igor Trajkov

Бизнис Објектив – Развојот на земјоделството како предуслов за развој на прехранбената индустрија

Igor Trajkov

Риби предатори во Преспа – сончарка  го нарушува природниот баланс

Igor Trajkov

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе