На оваа чешма не недостига вода. Недостига доверба. Птиците, но и кучињата без страв ја гаснат жедта. А човекот? Тој застанува, погледнува и само продолжува понатаму. Во Гостивар чешмите и понатаму течат, но од чашите никој не пие.
Водата што со децении беше симбол на животот, денес е забранета за пиење.
- Моментално не пиеме вода, викаат дека не се употребува за пиење, ниту за готвење, ниту за јадење.Се снабдуваме од пунктовите.
- Не не пијам вода само за чистење, а за пиење не. Катастрофа е да ја пијам.
- До понатаму не. Кога ќе кажат надлежните, тогаш ќе ја користиме, а за сега не.
- Многу тешко без вода. Ни за капење, ни за миење. Имаш страв да влегуваш во тоалет да си ги измиеш рацете, не е чисто ова. Од донирата вода го миеме зеленчукот.
- Не знам каква држава е ова и не знам како е во Гостивар да нема вода за пиење, а замисли и за друго. Не знам, немам зборови за ова. Ова е катастрофа, во Африка не се случува ова, а не да се случи во Македонија, велат жителите на Гостивар пред камерата на Телма.
Во Гостивар денес имаше раздвиженост. Животот продолжи, но под поинакви правила.

Во фризерските салони ножиците работат, но чешмите мируваат.
Во кафулињата и рестораните пластиката го замени стаклото пластични чаши, пластичен прибор и многу неизвесност.
Угостителите велат дека прометот секојдневно опаѓа. Не сакаат да зборуваат пред камера, но прашуваат кој ќе ја плати цената на оваа криза.

Граѓаните, пак, признаваат дека стравот е посилен од желбата да седнат на кафе или ручек.
- Не ми даваат вода од чешма,само флаширана вода, а за сок пластична чаша.
- Бегаат се плашат. Децата се плашат не влегуваат внатре. Некни татко му влезе во ќебапчилница, децата излегоа надвор, велат жителите.
Додека едни се справуваат со нова криза, за други таа никогаш не завршила. Во Дебреше проблемот со водата не трае денови, ниту недели. Трае три децении. Пред само еден месец жителите излегоа на протест поради слабиот притисок. Денес велат дека состојбата е уште полоша.
- Ние имаме 30 години проблем со водата. Овие месеци има починато еден човек од мојата фамилија и ние не знаеме како да живееме во нашето село и во нашата држава бидејќи не се чувствуваме сигурни. Ние 30 години немаме ни вода да пиеме ни за да се тушираме. Јас не живеам во Дебреше, но кога ќе дојдам во мојата куќа јас се плашам поради тоа што немаме вода за пиење и за туширање, вели еден поранешен жител на Дебреше.

Револтот расте. Со секој изминат ден растат и прашањата, а одговорите ги нема. Гостиварчани не бараат оправдувања, туку одговорност. Бараат институциите да утврдат како дошло до оваа состојба и вистинските виновници да понесат одговорност.
- Нека се најдат правите виновници кои го имаат направено тоа. А некни едни луѓе збореа, за од Вруток што беа тие двајцата многу добри луѓе ко иќе го направи, да ти дадам јас на тебе вода да те отрујам? Не, никој не би го направил тоа. Нека ни најдат вистинските виновници, нека не ги кријат. Што е работата, само еден господ знае, велат жителите.
Зад оваа криза не стојат само бројки и анализи. Стојат семејства кои не можат безгрижно да зготват ручек, да ги измијат децата, да наполнат чаша вода или едноставно да ја отворат чешмата без страв.
Надлежните највија дека до крајот на недела гостиварчани ќе добијат техничка вода, а во многу скоро време и вода за пиење.
Во неколкучасовната обиколка низ Гостивар, на ниту еден од пунктовите не забележавме цистерни или флаширана вода, за разлика од претходните денови. Граѓаните велат дека тоа е затоа што денес е недела.
Додека институциите ја враќаат исправноста на водата, граѓаните чекаат да им се врати нешто многу потешко, довербата дека од чешмата повторно ќе потече живот, а не страв.
Во Гостивар беше екипата на Телма составена од репортерката Симона Петровска и снимателот Александар Шејќероски
Б.С.
