Најмалку 90 лица загинаа при експлозија во рудник за јаглен во северна Кина. Експлозијата на гас се случила во рудникот за јаглен Лиушенју, управуван од групацијата Тонгжу, во покраината Шанкси. Стотици спасувачи се испратени на местото на трагедијата. Над 30-тина луѓе се хоспитализирани, а спасувачката акција е во тек.
Според кинеските медиуми, повеќето од загинатите се задушиле при вдишување на отровен гас, но засега не се знае за каков тип станува збор. Еден од повредените рудари изјави дека не ја слушнал експлозијата, но наеднаш видел облак од чад и почувствувал мирис на сулфур. Веднаш почнал да бега кон излезот во паника заедно со другите, кои по пат се онесвестувале, со што по кратко време и тој бил совладан од облакот токсичен чад.
Кинескиот претседател Си Џипинг повика да не се штеди во напорите за лекување на повредените и потрага по преживеани. Тој побара веднаш да се истражат причините, а надлежните да сносат одговорност за несреќата.
„Причината за несреќата мора темелно да се истражи, а одговорноста ќе се бара строго во согласност со законот. Претседателот Си Џипинг нагласи дека сите региони и оддели мора да извлечат поуки од несреќата, секогаш да ја следат безбедноста при работа, да спроведуваат детални истраги, да ги отстрануваат потенцијални ризици и решително да го спречат и ограничат настанувањето“, изјави Ванг Јан, водител на кинеската телевизија CCTV.
По несреќата, управителите на рудникот за јаглен се приведени. Причината за експлозијата на гас сè уште не е откриена, но според експертите се смета дека има пречекорување на нивото на јаглерод моноксид кој е високо токсичен гас без мирис. Кинеското Министерство за управување со вонредни состојби има испратено 345 лица од шест спасувачки екипи во рудникот, а ако е потребно ќе се приклучат уште.
Претходно во 2024 година, рудникот Лиушенју беше наведен како една од сериозна безбедносна опасност, од страна на Кинеската национална администрација за безбедност на рудниците. Групацијата Тонгжу, која го управува рудникот, наводно добила две административни казни во 2025 година поради безбедносни проблеми.
Провинцијата Шанкси произведува повеќе од една четвртина од вкупното производство на јаглен во Кина. На почетокот на 2000-та година, смртоносните несреќи беа чести во кинеската индустрија за рударство на јаглен. Безбедносните стандарди оттогаш се заострени, но несреќите сè уште се случуваат. Во 2023 година, во Монголија се урна рудник за јаглен каде загинаа 53 лица, додека во 2009 година при експлозија на рудник во покраината Хејлонгѓан животот го загубија 100 лица.
Трагедијата се случи само неколку дена по посетите на американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин на Кина.
Tea Димковска
