Рубин Земон поднесе оставка од Извршниот одбор на СДСМ. Во објава на неговот профил на социјалната мрежа „Фејсбук“ тој наведе дека одлуката ја донел со цел, како што посочи, да го заштити угледот на партијата од „непринципелни напади“ насочени кон него и неговото семејство.
„Сакајќи да го заштитам угледот на СДСМ од непринципелните напади кон мене, а со тоа не бирајќи средства да го инволвираат и моето семејство, а со цел да не бидам терет на борбата на партијата кон уривањето на оваа власт, поднесувам оставка од местото член ИО на СДСМ“, напиша Земон.
Тој не наведе дополнителни детали за причините за оставката, ниту дали ќе остане активен во рамки на партијата. Од СДСМ засега нема официјална реакција по неговата одлука.
Земон поднесе оставка по средбата со Виктор Стојанов, претседател на т.н. „Фондација Македонија“, кој има доживотна забрана за влез во Македонија, а која предизвика негативни реакции во јавноста.
