Македонската оперска сцена изгуби исклучителен уметник, врвен интерпретатор и човек, чиј глас, уметност и сценско присуство оставија длабока трага во Македонската опера и балет и во македонската музичка култура, се наведува во соопштението на Националната опера и балет (НОБ) по повод трагичната смрт на Ристе Велков, оперски првенец и баритон, кој го загуби животот во синоќешната стравична сообраќајна несреќа на скопската обиколница.
„Со неизмерна тага и неверување ја примивме веста за трагичната смрт на првенецот на Македонската опера и балет, баритонот Ристе Велков, кој го загуби животот во сообраќајна несреќа. Ристе Велков беше еден од водечките македонски баритони и еден од најхаризматичните оперски солисти. Како реномиран солист, првенец на Македонската опера и балет, тој претежно настапува во белканто продукции, со што го заслужува и епитетот „италијански баритон со кадифена боја“, се наведува во дописот на НОБ за трагичниот настан.
Велков е роден во 1975 година во Скопје. Средното музичко образование го завршува во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје во 1994 година, во класата на проф. Марија Николовска, смер соло-пеење. Дипломира на Факултетот за музичка уметност при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 1999 година, во класата на м-р проф. Милка Ефтимова. Магистрира со највисока оцена cum laude во 2011 година на истиот факултет, во класата на м-р проф. Билјана Јовановска Јакимовска, смер соло-пеење.
Велков гостува во Јапонија, во Србија, во Романија, во Турција и во Бугарија, а настапуваше на речиси сите значајни домашни фестивали и манифестации: „Охридско лето“, „Скопско лето“, „Штипско лето“, „Есенски музички свечености“, „Мајски оперски вечери“, „Интерфест“ – Битола и други.
Во текот на својата кариера реализираше голем број улоги, меѓу кои повеќе од 15 главни и водечки баритонски остварувања: Набуко („Набуко“), Риголето („Риголето“), Магбет („Магбет“), Грофот Луна („Трубадур“), Жорж Жермон („Травијата“), Дон Карло ди Варгас („Моќта на судбината“), Амонасро („Аида“), Ецио („Атила“), Енрико („Лучија од Ламермур“), Белкоре („Љубовен напиток“), Ескамиљо („Кармен“), Валентин („Фауст“), Шонар („Боеми“), Алфио („Кавалерија рустикана“), Силвио („Палјачи“), Таткото Петер („Ивица и Марица“), Сигизмунд – крал на Полска („Иван Сусанин“), Огнен („Цар Самуил“) и Вангел („Илинден“).
Во тешка сообраќајна несреќа загинаа три момчиња на 20 години и таткото на едно од нив
Баритонот Ристе Велков загина во тешката сообраќајна несреќа во која починаа и три млади момчиња
