Украина да добие статус на „придружена членка“ на Европска Унија како преоден чекор кон полноправно членство, предложи германскиот канцелар Фридрих Мерц што според него би можело да помогне во постигнување договор за завршување на војната.
Според предлогот, украинските претставници би можеле да учествуваат на самитите и министерските состаноци на Европска Унија, но без право на глас.
Германскиот канцелар предложи и политичка обврска земјите-членки на Унијата да ја применуваат клаузулата за заемна помош кон Украина, што, според него, би придонело за безбедноста на цела Европа.
Украина моментално има статус на кандидат за членство во Европска Унија, но европски претставници оценуваат дека полноправното приклучување во следните неколку години е малку веројатно поради долгиот процес на реформи и потребата од ратификација во сите 27 земји-членки.
