Планот за раст меѓу спроведените реформи и чекањето втора шанса. Вицепремиерот и министер за европски прашања Беким Сали се пофали дека Македонија обезбеди 65,7 милиони евра во рамки на Планот за раст на Западен Балкан на Европската комисија и Инструментот за реформи и раст. Скоро 31 милион евра од овие пари одат за директна буџетска поддршка. Според него, се работи за успех во реформскиот процес кој не дојде случајно.
Проценетата вредност на реформските обврски во втората половина од 2025 година беше околу 134 милиони евра. Дополнително, останаа 65 милиони евра неповлечени пари поради нереализирани реформи во првата половина од 2025. Прашање е дали ваквата реализација на реформите може да се смета за успех.
„Знаете дека сите точки имаат рок на исполнување и имаат грејс период од 12 месеци. Некои точки се во редовниот рок, а некои се во грејс период. Сега, на пример, во оваа транша, за оваа група на точки коишто треба да ги исполниме, 10 ни се во грејс период коишто требаше да бидат исполнети до крај на јуни 2025, ние ги исполнуваме до крај на јуни 2026, што повторно се смета за исполнување во редовен рок, нормално во грејс период којшто е предвиден и договорен со Европската комисија. Така што ние ја следиме динамиката да немаме застој во исполнувањето на овие чекори“, вели Сали.
Граѓанските организации коишто ја следат реформската агенда велат дека од една страна можело да биде двојно подобро, но од друга треба да се внимава да не се избрзува со реформите по секоја цена, туку да бидат добро осмислени и завршени за граѓаните да имаат корист од тоа.
„Секоја сума којашто ни е дадена за реализација на реформи коишто секако треба да ги направиме е добредојдена, меѓутоа не можеме да го занемариме фактот дека сме можеле да добиеме двојно повеќе од тоа што сега го добивме. Во рамки на известувачкиот период од јуни до декември минатата година сме можеле да добиеме околу 134 милиони евра за околу 44 реформски чекори. Од тие 44, државата пријавила 21 реформски чекор, но според Европската комисија ние сме исполниле 16, што значи дека сме некаде на 35 проценти исполнетост од она што е предвидено за тој реформски известувачки период“, вели Анамарија Велиновска, раководителка на Центарот за европски интеграции во Институтот за демократија Социетас цивилис Скопје.
Основниот рок за реформите е 12 месеци. Ако не се успее во тој рок, ЕУ дава грејс период од дополнителни 12 месеци.
Според анализата на Телма, најекстремните примери на неисполнување на зададените рокови се министерствата за правда и за енергетика. Министерот Филков за периодот јуни – декември 2025 година од 11, спровел само една реформа, а требало да одработи дури 37,4 милиони евра.
Министерката за енергетика Сања Божиновска, од јуни до декември лани требала да одработи реформи вредни 23,5 милиони евра. Не одработила ниту едно евро. Но, пријавила дека сработила, а ЕУ потврдила – 4,2 милиони евра за еден реформски проект од 2024 и еден со рок до јуни 2025 година.
Министерството за образование, пак, на пример, сработило сè што било предвидено.
Срѓан Стојанчов
