Фудбалското куп финале беше одиграно на Националната Арена „Тодор Проески“ во Скопје, но воопшто не наликуваше на натпревар со вакво значење, имајќи ја предвид тажната слика на трибините кои беа речиси празни, со исклучок на присуството на помали групи симпатизери на клубовите како и најблиските роднини и пријатели на фудбалерите.
Дополнително, фудбалот беше на некој начин во втор план на вчерашното 33. издание на финалето од домашниот куп, поради срамниот старт кога навивачите на Шкендија не покажаа ниту минумум респект, па ја исвиркаа химната на Македонија во текот на нејзиното интонирање, пред официјалниот почеток на средбата.
Конечниот резултат во ова финале гласеше 1:0 за тимот од Кратово, предводен од Александар Васоски, а единствениот погодок вреден куп титула го постигна босанскиот интернационалец Ади Алиќ. Со вчерашната победа, Силекс обезбеди и учество во квалификациите на Конференциската лига на УЕФА.
Скандалозен беше и односот на фудбалерите на поразениот табор при финалната церемонија, кога не го испочитуваа свечениот чин на доделување медали, туку одлучија воопшто да не ги примат одличјата. Ваквиот неспортски потег, нивниот тренер Јетон Беќири не го осуди, туку на новинарско прашање, само искоментира дека тоа според него е техничка грешка или пропуст. Фудбалската Федерација на Македонија потврди отворање на дисиплинска постапка против Фк Шкендија за: непочитување на националната химна, користење на пиротехнички средства, националистичко скандирање, истакнување на знамиња со навредлива и нацистичка содржина и одбивање од страна на играчите да ги примат медалите шо истовремено преставува целосно непочитување кон противничкиот, победнички табор.
Од Министерството за спорт пак, најавија дека ќе ја разгледуваат можноста за измени во Законот за спорт, според кои ваквите случувања во иднина би биле ригорозно санкционирани, со кратење на финансиската помош од страна на државата како и одземање на решенијата за бавење со дејност спорт.
Јана Серафимова
