Пратеничката група на СДСМ нема да учествува во најновото задолжување на државата, најави партискиот лидер Венко Филипче на прес-конференција претпладнево. Последното задолжување од 260 милиони евра од повеќе банки, иако владата бараше 300 милиони евра, го нарече „брутално“.
„Огромни суми, стотици милиони, милијарди евра, пари кои што не одат никаде, освен строго контролирано, во партиските форми преку тендерските постапки. Ние нема да учествуваме во комисиската расправа на оваа тема и целосно се повлекуваме од неа“, најави Филипче.
Тој го обвини претседателот на собранието, Африм Гаши за кршење на Деловникот.
„Закажува состанок на комисијата за финансирање и буџет, Комисија што ја води нашата пратеничка, Сања Лукаревска. И покрај тоа што е таа тука и не е отсутна, а Деловникот тоа не го дозволува кога пратеникот е тука, тој задолжува друг пратеник да ја води оваа Комисија“, додаде Филипче.
С.Д.
