Македонскиот јазик не е пречка, туку обврска и гаранција за функционирање на државата. Со овие зборови денеска реагираше министерот за правда Игор Филков во пишано соопштение, по вчерашниот протест на студентите Албанци. Тие вчера протестираа со барање да полагаат правосуден испит на мајчин јазик, но проследено со скандирање УЧК и со албански, американски и знамиња на ЕУ, без државните симболи. Министерот Филков сега реагира: „полагањето на правосудниот испит да не се претвори во поле за политички притисок и етничка конфронтација“.
„Правосудниот испит не е прашање на политика, туку прашање на стручност, професионалност и почитување на правниот поредок на државата. Недозволиво е чувствителни теми што директно го засегаат правниот систем да се користат за собирање политички поени или за создавање меѓуетнички тензии. Правосудниот испит се спроведува согласно важечките закони и професионални стандарди, а не според дневно-политички агенди или притисоци од улица. Правото на протест е демократско право, но никој нема право преку насилни протести да бара уривање на критериумите и стандардите во правосудството“, реагира министерот за правда, Игор Филков.
Опозциската ДУИ негираше дека протестот е партиски, но пратеници од нивните редови беа забележани на собирот. Интегративците кажаа дека одговориле на повиците на студентите и ги поддржале. Денеска, од партијата отидоа чекор подалеку и од собраниската говорница каде што се говореше на други теми, побараа одговорност од владини функционери, со тврдење дека студенти од Албанија биле запрени и заплашувани додека патувале кон Скопје, за да изразат солидарност со колегите од Македонија. На протестот имаше и инцидент, по што беа приведени три лица.
„Се јавив за процедурално, за непочитување на уставното право за протестот во вчерашниот ден, каде што млади и студенти протестираа. Многумина од нив беа намерно спречени. Заменикот премиер и заменикот министер треба да одговараат за овие срамни работи“, изјави Рина Ајдари, пратеничка од Европски фронт.
Владиниот коалициски партнер Вреди е на став дека тие носат решенија, а не нудат празни зборови и манипулации. Од партијата велат дека студентите протестирале против неправдите кои потекнуваат од минатото кога ДУИ беше власт.
„Студентите протестираа против неправдите кои потекнуваат токму од времето на ДУИ, време кога петмина албански министри за правда не мрднаа со прст за да го решат прашањето на мајчиниот јазик. Ние не се криеме од проблемите, туку се соочуваме со нив. На работната средба со претседателот на Владата постигнат е конкретен договор институциите да изнајдат решение и веќе активно се работи на тоа решение, кое ќе биде во интерес на граѓаните“, одговорија од Вреди.
Вчерашниот протест во Скопје е втор собир организиран од студентите на кој тие бараат да се овозможи полагање на правосудниот испит на албански јазик. Неколку часа пред да започне истиот, ко-претседателите на Вреди, Изет Меџити и Биљал Касами се сретнаа со премиерот Мицкоски со кого разговарале на темата.
Петар Догов
