Вести Македонија Топ вести

Титулата на Вардар во сенка на скандалот со навредливите и вулгарни песни за Битола и Каролина Гочева

Титулата на Вардар е заверена и клубот по пауза од шест години повторно е на врвот на македонскиот фудбал. Но, наместо реакции за спортскиот успех на најуспешниот колектив, се редат критиките, обвинувањата и реакциите од пошироката јавност. Неколку дена откако фудбалерите и луѓето од клубот беа снимени и објавени како на недоличен начин ја прославуваат шампионската титула во угостителски објект, со навредливи и вулгарни песни за Битола и пејачката Каролина Гочева, политичката јавност продолжува да бара одговорност за постапките.

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) викендов ги осуди дел од славеничките стихови на играчите на Вардар, а случајот сега е во Дисциплинската комисија при федерацијата. Телма побара одговор од федерацијата за тоа до каде е постапката, но одлука за санкција сѐ уште нема. Во меѓувреме, дел од партиите продолжуваат со повици за одговорност за настанот.

„Форумот на жени на СДСМ ги осудува и најавува дека ќе поднесе соодветни пријави. Одговорност мора да има. Бараме Миленко Неделковски веднаш да биде разрешен од функцијата извршен директор на ФК Вардар. Фактот што Унијата на жени на ВМРО не најде сила да ги осуди овие навреди и понижувања е уште една потврда. Молчењето е охрабрување на насилството и соучесништвото. До кога ќе молчите? – Ова е прашање на достоинство и почит кон жените во нашето општество“, изјави Каја Шукова, претседателка на Форумот на жени на СДСМ.

Засега нема официјална реакција од ФК Вардар. На веб-страницата на клубот, последна објавена вест е онаа за спортскиот успех и резултатот на теренот. Но, на Фејсбук веќе соопштија дека се подготвува голема прослава по последниот натпревар за сезоната, во сабота. Челните луѓе на клубот комуницираат со јавноста најчесто во неформална комуникација преку социјалните мрежи. Но, официјален став има од ривалот ФК Пелистер од Битола, од каде порачаа дека фудбалот не смее да биде простор за ширење омраза, сексизам и примитивизам.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(Видео) Јорданов: По невремето најголема матерјална штета има Клиничката болница во Штип

Kristina Kuzmanovski

(Фото) Скопје по невремето – откорнати дрвја, кровови и огради по улиците и училишните дворови

Sonja Petrusevska

11 пациенти биле примени во Ургентен, пациентка со повреда на главата и на потколеница задржана на нерохирургија

Kristina Kuzmanovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе