Нов протест на студентите Албанци. Нивното барање е веќе познато- правосудниот испит да го полагаат на албански јазик. Демонстрантите речиси еден час се собираа пред Камениот мост. Откако со автобуси пристигна поддршката од Тетово Струга, а според информациите допатувале и студенти од Приштина, но и од Албанија, тргнаа кон Министерството за правда.
Протестот беше проследен со скандирање УЧК, со албански американски и знамиња на ЕУ, без државните симболи. Говорите пред правда беа исклучиво на албански јазик. Меѓу насобраните можеше да се забележат и членови од пратеничката група на ДУИ. Кратко време по протестот, од партијата Вреди закажаа прес-конференција.
„Денес на протестот без ни малку срам се појавија и двајцата главни виновници што правосудниот испит се одржува на албански јазик. Муса Џафери и Блерим Беџети“, вели Бесар Дурмиши, Вреди.
Во ДУИ негираат дека протестот е партиски, но оти одговориле на повиците на студентите и ги поддржале. За време на протестот кој беше под силно полициско обезбедување, се случи и инцидент поради што беа приведени три лица.
„Полициски службеници од СВР Скопје приведоа три лица македонски државјани пред Министерството за правда поради нарушување на јавниот ред и мир“, соопштуваат од МВР.
Неколку часа пред да стартува најавениот протест, копретседателите на Вреди, Изет Меџити и Биљал Касами се сретнаа со премиерот Мицкоски со кого разговарале на оваа тема. Од Владата пак соопштија дека се работи на изнаоѓање решение кое ќе биде целосно усогласено со Уставот и со Законот за употреба на јазиците.
Сепак, министерот за правда Филков и раководството на неговата партија ЗНАМ, претходно изјавуваа дека во моментов нема можност за полагање на правосуден испит на друг јазик освен ан македонски. За нешто повеќе од еден месец ова е втор протест на студентите Албанци.
Ирена Чачкова
