Вести Македонија Најважни

Од Владата најави за полагање правосуден испит на албански јазик во пресрет на протестот на студентите Албанци

Во пресрет на новиот протест на студентите Албанци за полагање на правосудниот испит на албански јазик, засилени уверувања од владата дека проблемот многу наскоро ќе биде решен, а „Вреди“ обвинува дека зад протестите стои опозициската ДУИ.

Копретседателите на „Вреди“, Изет Меџити и Биљал Касами синоќа, речиси истовремено, на Фејсбук објавија идентична порака: „Правосуден испит на албански јазик! Наскоро доаѓаме со добри вести“.

Веќе денеска, двајцата се сретнаа со премиерот Христијан Мицкоски со кого разговарале на оваа тема. Владата соопшти дека само преку заеднички, мудар и достоинствен пристап може да се дојде до решенија кои ќе значат напредок, меѓусебна доверба и заедничко чекорење кон иднината.

„Институциите активно работат на изнаоѓање на решенија кои ќе бидат целосно усогласени со Уставот и со Законот за употреба на јазиците, со цел обезбедување правна сигурност и функционалност“, соопшти Владата.

Во „Вреди“ велат дека ги решаваат проблемите што ДУИ не ги решиле 20 години.

„За првпат централната власт го слуша гласот на студентите и ќе го реши нивниот проблем еднаш засекогаш. Истакнувам тука и ќе истакнувам додека вие да се убедите дека е вака, дека правосудниот испит и другите испити кои се поврзани со природата на правосудниот испит во иднина ќе се полагаат на албански јазик. Ова ќе го покажеме многу наскоро пред вас и пред јавноста“, вели вицепремиерот Беким Сали на собраниската седница за пратенички прашања.

Коалицијата „Вреди“ претходно објави соопштение насловено „Против кого протестираат децата на функционерите на ДУИ“ проследено со видео снимка, илустрирана со песната „Татковината на Албанците“ од Илир Шаќири, во која ги заокружуваат студентите кои протестираат, објавувајќи нивни фотографии со функционери на ДУИ.

На профилите на социјалните мрежи на локалните ограноци на ДУИ, пак, се шири видео со повик за присуство на протестите, со илустрации од статуси на познати личности кои поддржуваат полагање на правосудниот испит на албански јазик, меѓу кои и американската пејачка со албанско потекло Бебе Реџа. Во ДУИ негираат дека протестот е партиски, но оти одговориле на повиците на студентите и ги поддржале.

Сепак, министерот за правда Игор Филков и раководството на неговата партија ЗНАМ претходно изјавуваа дека во моментов нема можност за полагање на правосудниот испит на друг јазик, освен на македонски. Претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски пред два месеца рече дека правосудниот испит се полага на македонски јазик и оти тие нема да поддржат закон или законски измени со кои се создава биетнички систем и паралелизам во институциите.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Извештајот за непотребните операции на срце поминал на затворена владина седница, откри Клековски без да даде повеќе детали

Дејан Дејан

Руте бара од членките на НАТО јасен план за преземање на поголем дел од трошоците

Дејан Дејан

Украина бара лиценца за производство на ракети за системите за воздушна одбрана „Патриот“ – тоа би било доволно за заштита, вели Зеленски

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе