Осуда и барање за извинување, се најголем дел од реакциите на јавноста по срамното и недолично прославување на шампионската титула од страна на фудбалскиот клуб Вардар, а на која се пееја навредливи песни за македонската пејачка Каролина Гочева. Спортските власти пак покрај осуда најавија и покренување на постапка против клубот кој може да се соочи и со казна поради навредливото пеење.
Од ФФМ истакнуваат дека е неприфатлива потребата да се пејат вулгарни и навредливи текстови.
„Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) изразува осуда за навредливото и недолично однесување на ФК Вардар при прославата на победата и обезбедувањето на титулата шампион на Македонија.
ФФМ отсекогаш апелирала и повикувала на достоинствен начин на однесување при победите и на понизност при поразите.
Особено е неприфатлива потребата да се повикуваат навредливи содржини и да се пее вулгарни и навредливи текстови при прославувањето на победата. Ваквото однесување е недолично без разлика кон кого е насочено, без разлика дали станува збор за јавни личности, за навивачи на другиот тим, за фудбалери или за кој било друг.
Ривалитетот меѓу екипите е посакуван и здрав само кога е достоинствен и исполнет со меѓусебна почит, а секаква форма на говор на омраза, навреди и неспортско однесување нема место во фудбалот.
ФФМ, како и во претходните ситуации кога беа казнувани екипите на ФК Тиквеш, ФК Осогово, ФК Вардар и други, ќе постапува согласно своите пропозиции и дисциплинските правилници.
По овој повод, Дисциплинскиот инспектор при ФФМ веднаш ќе отвори постапка против клубот во врска со последните случувања.
Фудбалската федерација на Македонија останува посветена на промоција на фер-плејот и нема да дозволи ничие однесување да го наруши интегритетот на натпреварувањата“, велат од Фудбалската федерација на Македонија.
Осуда за скандалозните скандирања за време на прославата на титулата на ФК Вардар по триумфот во Струга изрази и министерот за спорт Борко Ристески.
„Во однос на видеоснимките кои се појавија од прославата на ФК Вардар, како Министерство сакаме да ја известиме македонската јавност дека недвосмислено го осудуваме ваквиот тип прослави, кои вклучуваат навреди по која било основа, особено доколку во нив се вклучени спортски работници, играчи, селектори и лица од јавниот живот.
Слични случувања имаше и минатата недела во Кавадарци, со политички конотации и навреди кон спортски институции, меѓу кои и ФФМ, а истото сега повторно се повторува.
Министерството за спорт најостро ги осудува ваквите провокации и јавно бара чинителите да и се извинат на македонската јавност. Воедно апелираме вакви случувања во иднина да не се повторуваат, затоа што Министерството за спорт ќе изнајде начин секој ваков настан соодветно да биде санкциониран.
Ги разбираме ривалствата меѓу екипите, но не треба да се заборави дека спортот се игра за публиката и дека сите чинители имаат одговорност кон јавноста и општеството.
По освојувањето на титулата ФК Вардар преку социјалните мрежи испрати многу лоша порака со скандирањето на навивачки песни во кои се навредуваше македонската поп дива Каролина Гочева, е реакцијата и на битолскиот градоначланик.
„ Како градоначалник на Битола и во име на Општина Битола, силно го осудувам навредливото скандирање од страна на претставници на ФК Вардар на објавеното видео на социјалните мрежи од нивната прославува на шампионската титула.
