Основното јавно обвинителство Битола донесе Наредба за истражна постапка против 33-годишник, осомничен за кривично дело „Убиство при вршење семејно насилство“, според член 123 став 2 точка 2 од Кривичниот законик.
Како што информира ОЈО, утрово, осомничениот ја лишил од живот неговата поранешна вонбрачна партнерка со која имал четири заеднички малолетни деца.
„Откако се осигурал дека нејзиниот татко не е во домот во кој живеела жената, осомничениот влегол во куќата додека спиела, се доближил до жртвата и ѝ нанел десетина убоди со нож во телото од кои таа веднаш починала“, се наведува во соопштението на ОЈО Битола.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Битола достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постои опасност тој да се даде во бегство.
