Психологот и психотерапевт Розалија Секуловска предупредува дека сè повеќе деца растат емоционално осамени, а родителите, преокупирани со секојдневието, често не ги препознаваат нивните чувства и потреби.
Во емисијата „Топ Тема“ на Телма, Секуловска истакна дека семејството е првиот и најважен систем во кој детето учи модели на однесување.
„Најмалиот систем е семејството. Детето се раѓа таму и учи од моделите на мама и тато. Прашањето е што учи? И уште поважно – колку родителите навистина се присутни. Не само физички, туку емотивно и суштински“, рече Секуловска.
Таа посочи дека современото родителство често се обидува да го компензира недостатокот на внимание со материјални работи и неограничен пристап до технологија.
„Како родителот да сака да го компензира своето отсуство со тоа што ќе му дозволи повеќе време на социјални мрежи или ќе му купи скапа облека. Но децата не бараат само материјални работи, туку присуство, внимание и препознавање на нивните емоции“, нагласи таа.
Според неа, технолошкиот свет станал дел од секојдневието, но возрасните не успеваат доволно да ја согледаат неговата опасност.
„Тука го имаме и системот технологија, каде што многу од возрасните како да заборавија дека сајбер просторот не е безбедно место за живот, творење и комуникација. Тоа постоело и порано, но никогаш до ваков степен“, рече Секуловска.
Таа порача дека децата често несвесно ја покажуваат состојбата во семејството и општеството.
„За да видите какво е едно семејство, погледнете ги децата. Родителите можеби ќе се обидат да сокријат многу работи, но кај децата ќе го видите крикот. Детето е симптом дека нешто не функционира и во семејството и во општеството. Денес децата се сами и отуѓени“, објаснува Секуловска.
Т.Д.
