Граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ предупредува дека Нацрт-Деталниот урбанистички план (ДУП) за Барутана, кој е ставен на дневен ред на Советот на Општина Центар, ги надминува параметрите дозволени со Генералниот урбанистички план и може да создаде ново ерозивно подрачје над Скопје.
Според иницијативата, просторот познат како Барутана на Водно, кој започнува кај полициската станица и планинарските патеки, во Планот за енергија и клима на Општина Центар е означен како подрачје загрозено од ерозија, со препорака да се пошумува со квалитетна шума, а не да се гради.
Оттаму посочуваат дека и во проектната програма врз основа на која е изработен ДУП-от е наведено дека „задолжителна мерка за заштита и спасување која треба да се разработи во планската документација е опасноста од ерозија“.
„Меѓутоа, ДУП-от го прави токму спротивното. Во него нема никакви мерки за заштита од ерозија, ниту мерки за заштита од потенцијални шумски пожари и поројни поплави. Зошто стручните ставови се занемаруваат?“, прашуваат од „Шанса за Центар“.
Тие потсетуваат на постојните случаи на лизгање на земјиште на падините на Водно, кај Клиниката за детски болести и хотелот „Тасино Чешмиче“, оценувајќи дека со предложениот план повторно се отвора можност за изградба на десетици нови објекти на стрмен планински терен, што, според нив, создава дополнителни ризици.
Од иницијативата дополнително тврдат дека планот е поднесен по приватна иницијатива од фирма која поседува имот во рамките на планскиот опфат и дека земјиште на кое претходно биле предвидени државни институции сега се пренаменува за приватно домување.
Точката требаше да биде разгледувана на седницата на Советот во вторник, но седницата беше прекината и ќе продолжи во наредниот период.
„Новите урбанистички планови треба да ја подобруваат состојбата и да ги исправат грешките од претходните штетни ДУП-ови кои го претворија градот во бетонска џунгла, а не да ги повторуваат и продлабочуваат“, порачуваат од „Шанса за Центар“, нагласувајќи дека категорично се против усвојување на предложениот ДУП за Барутана.
