Вести Свет

Еднонеделни погребни церемонии за Хаменеи – милиони луѓе ќе се простат од врховниот лидер

Четири месеци откако беше убиен на самиот почеток на американско-израелската војна против Иран, на 28-ми февруари, исламската република се подготвува да се прости од долгогодишниот врховен лидер, Али Хаменеи, со еднонеделни погребни церемонии низ целата држава, на кои се очекува да присуствуваат милиони луѓе.

Властите во Техеран не штедат средства за да му приредат величествено последно испраќање на Хамнеи, преку грандиозна церемонија исполнета со религиозна симболика, која временски се поклопува со прославите по повод 250-годишнината од Денот на независноста на САД.

Простување од ајатолахот ќе се организира и во соседниот Ирак, каде шиитските муслимани се мнозинство а на овие настани исто така се очекува да присуствуваат повеќе милиони луѓе.

Во Иран, покрај Техеран, настани во чест на ајатолахот ќе се организираат и во сите други поголеми градови. Цела армија волонтери е регрутирана за да ги организира комеморациите а во главниот град на Иран се очекуваат милиони луѓе.

„Се очекува меѓу 15 и 20 милиони луѓе да бидат во Техеран за последното испраќање и погребната поворка. Ако даде Бог, ќе ги обезбедиме најдобрите можни услуги и ќе бидеме добри домаќини на нашите драги гости кои доаѓаат од сите краишта на земјата.“ – вели 36 годишниот Маџид Назари.

Повеќе од десет дена, речиси целосното медиумско внимание во Иран е насочено кон овој момент, при што песните во чест на Хаменеи и документарните емисии за неговиот живот ги потиснаа вестите за мировните преговори со САД, кои претходно беа главна тема во медиумите.

Размерите на овој спектакл имаат цел да испратат јасна порака до светот и до противниците на Исламската Република: Иран не само што ја преживеа егзистенцијалната војна, туку и нема никаква намера да ја промени својата политика и да попушти под притисокот на САД и Израел.

„Во никој случај. Сѐ додека овие луѓе, кои се избрани (од Бога), се на оваа задача, ние сигурно ќе продолжиме со истата политика на „не на понижувањето“ што ја воспостави Исламската Република. Ќе продолжиме да ја следиме политиката на независност, одлуките ќе се носат во рамките на државата, а народот сам ќе одлучува за својата судбина“ – рече волонтерот Мохамад Резаи.

Залудно Трамп постојано повторуваше дека под негово водство и жестокото бомбардирање де факто била издејствувана промена на режимот во Техеран. Исламската република јасно испраќа порака дека такво нешто нема да има во нивната држава.

Н.И

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Со возило ја скршил влезната порта a потоа физички ја нападнал жена му – гостиварец дивеел во домот на родителите на неговата сопруга

Sonja Petrusevska

(Фотогалерија)Со пари добиени од ЕУ е набавена опрема за македонската армија

Tea Dimkovska

Реплек одбележува 10 години од првото производство на производи на база на медицински канабис – првиот КА-информативен центар во регионот обезбедува бесплатни и стручни информации за пациентите  

Sonja Petrusevska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе