Француската и воедно светска мега ѕвезда , продуцент на хаус музика и диџеј Дејвид Гета доаѓа во Скопје , во рамките на неговата турнеја „ Монолит“. Настапот го организира Владата на Македонија и Авалон продукција на 8. Септември, кога ќе се одбележат 35 години независност на Македонија. Од Авалон рекоа дека шоуто на Гета на Градскиот стадион ќе биде една до две класи погоре во однос на сите концерти што Продукцијата ги организирала дома и во странство, во текот на нејзиното постоење повеќе од 3 децении.
„Се работи за нешто што е од музички и поготово од продукциски аспект досега невидено во европски рамки, па можам да кажам и во светски рамки“, рече Бобан Милошески од Авалон Продукција.
Милошески не кажа конкретно колкав ќе биде хонорарот на Гета , но рече дека е 5 до 7 пати помал од приходите што тој ги остварил на концертите низ Европа, одржани во рамките на турнејата „ Монолит“. Влезниците ќе бидат симболични- по 35 денари , а ќе можат да се обезбедат онлајн од петок натаму. Едно лице ќе може да се регистрира само за две влезници максимум. На концертот се очекуваат посетители и од регионот и од Европа.
За јубилејот 35 години независност на Македонија, Владата организира повеќе културно – уметнички содржини од 8 август до 8 септември. Во тој период ќе се одржат уште два настани од светски карактер, а во 11 градови низ државата ќе настапат над 120 домашни уметници.
„Особено важно е што нема да биде концентриран само на едно место, или само на еден настан. Туку ќе биде децентрализација и вклученост. Тоа е идејата на самиот проект“, рече портпарол на Влада Марија Митева.
Дополнителни информации за настапот на Гета , Авалон ќе објави веќе утре, а за останатите содржини од програмата за 35 години македонска независност, организаторите најавија дека дополнително ќе информираат.
Сотир Трајков
