Уметникот за да биде „ здрав“ мора да биде во конфликт со средината, вели нашиот режисер Александар Поповски, чија претстава „ Амадеус“ , по текст на Питер Шефер , утре вечер ќе биде изведена на големата сцена на МНТ, во рамките на програмата со која театарот го прославува 81. роденден. Претставата е во продукција на Словенечкиот народен театар од Марибор, каде Поповски го извршува вториот мандат на функцијата уметнички директор на Драмата.
За изборот на текстот, тој вели дека е пофалба на музичката уметност и на генијалноста на композиторот Волфганг Амадеус Моцарт и го отсликува неговиот живот, сличен на “ Животот на Молиер“, што е насловот на последна претстава на Поповски во МНТ, од 2012 година.
- Животот кој што го живеел, кој што е на некој начин во конфликт со средината. На сличен начин како што е Молиер во „ Животот на Молиер“. Тој е во конфликт со средината. Едноставно, најверојатно уметникот за да биде „ здрав“ мора да биде во конфликт со средината, вели Александар Поповски, режисер.
Улогата на Амадеус му е доверена на младиот Жан Копривник.
- Тоа беше суштинско прашање за мене, како да се размислува за уметноста, како да се размислува за слободата што си ја пружил и што ја барал, и како покрај тоа, да се бара детето кое секогаш било во него, рече Жан Копривник, актер.
Покрај „ Амадеус“ со која СНГ-Марибор се враќа пред скопската публика по повеќе од две децении по „ Дракула“, што исто така ја режираше Поповски, истиот театар в петок во МНТ ќе ја прикаже монодрамата „ Безгрешна“, со актерката Наташа Матјашец- Рошкер, во драматизација и адаптација на Ливија и Томаж Пандур. Тој почина на проба во МНТ, на 12 април 2016 година, кога веќе паралелно работел и на монодрамата, потоа довршена како омаж за него.
- Некако созреавме двајцата, за да можеме да се сретнеме . И таа средба беше посебна, интензивна, започнавме да работиме, кажа Наташа Матјашец- Рошкер, актерка.
МНТ ќе ја доврши прославата на јубилејот в сабота, со изведба на претставата „ Другата страна“, во продукција на Црногорскиот народен театар, од Подгорица.
Сотир Трајков
Б.С.
