Волстрит вчера забележа тежок пад при пораст на цените на нафтата, бидејќи оптимизмот за можен крај на војната со Иран повторно е заменета со несигурност.
Индексот S&P падна за 1,7 проценти и забележа најлош дека од јануари и на пат е кон загуба петта недела во низа која датира од пред војната на Блискиот Исток и би била најдолга во последните, речиси, четири години.
Dow Jones, пак, падна 469 бода, односно 1 процент, а Nasdaq „потона“ за 2,4 проценти и сега е повеќе од 10 проценти под рекордното ниво што го достигна на почетокот на 2026 година.
Финансиските пазари осцилираат со денови по почетниот оптимизам и изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека преговорите за крај на војната биле „продуктивни“. Иран го демантираше тоа, а потоа го отфрли предлогот на САД за примирје што беше доставен со посредство на Пакистан.
Борбите во меѓувреме продолжија. Илјадници дополнителни американски војници се приближија или се наоѓаат на пат кон Блискиот Исток. Иран ја зацврсти контролата врз стратешки важниот Ормуски теснец и најави можностза воведување на т.н. „наплатна точка“ за танкери на таа морска рута низ која минува околу петтина од светската нафта.
Цената на барел сурова нафта од типот Брент порасна 4,8 проценти, на 101,89 долари во однос на 70 долари колку што чинеше пред почетокот на војната.
Најновите податоци покажуваат дека минатата недела се зголемил бројот на Американци кои побарале надомест за невработени, иако стапката и натаму е ниска во историски контекст.
Најголем пад на Волстрит забележаа акциите на технолошките компании – на Meta паднаа за 8 проценти, на Alphabet за 3,4 проценти, на Nvidia за 4,2 проценти, на Амазон за 2 процента. Исклучок е Apple чии акции бележат благ пораст од 0,1 процент.
