Четврти ден гори депонијата кај селото Босилово. Мештаните се гушат, пожарникарите и вработените во комуналното претпријатие „Огражден“ ја гаснат, но пожарот не успеваат да го ликвидираат. Граѓаните велат дека најстрашно е кога има ветар, што често се случува во попладневните часови. Тогаш невозможно е да работат на околните ниви.
„Сигурно се пали, ама многу, ептен е загадено, не се ни дише. Не се издржува. За решение ќе треба некои чувари да има тука. Тоа е решението, да не може да се пали. Често гори“, вели граѓанин кој работи во близина.
Градоначалникот на Општина Босилово, Ристо Манчев се сомнева дека депонијата намерно се пали. Вели дека пожарот се стишува на едно место, а следниот ден гори на спротивната страна. На терен излегле инспектори и полициски екипи, па очекуваат да добијат официјални одговори што точно се случува.
Депонијата гори на повеќе места. Со чад е обвиена речиси целата површина. Оваа депонија се наоѓа на само неколку стотини метри од последните куќи во селото Босилово. Непријатната и тешка миризба се шири низ целото село.
Оваа депонија често гори, особено во летните месеци. Како мерка за спречување на намерното палење, Општината пред неколку години ја огради и поставуваше соларни камери. Сепак, таа и понатаму задава големи проблеми и за управување од надлежните инситтуции, но и за локалното население.
Општина Босилово нема централизирана депонија за одлагање на комуналниот отпад. Дел се носи во депонијата Шапкар кај Добрашинци, а дел се одложува на помали депонии низ населените места.
Сузана Мицева
