Тензиите на релација раководство на М-НАВ и синдикалниот лидер ескалираат во отворен судир, проследен со жестоки обвинувања за злоупотреби, но и притисоци врз вработените. Првиот синдикалец на контролорите на летање, Александар Тасевски доби кривична пријава за злоупотреба на службена должност и овластувања. Ова денеска го обелодени правниот застапник на националната компанија за управување на воздушниот сообраќај, Горан Николовски.
„Поднесена е кривична пријава за злоупотреба на службена должност и овластувања, каде што господинот, за да оствари лични цели, ја злоупотребил својата позиција претседател на синдикат и дал известување и барање за користење на платени денови од работа, со најава дека ќе користи денови за синдикални активности и синдикални состаноци. А, господинот заминал во приватна посета на Кипар заедно со својата љубовна партнерка. Јас не сум го видел, меѓутоа како што овде има многу новинари, токму од страна на новинар е забележан на Кипар, поднесена е пријавата, добиено е известувањето и на база на тоа е постапено“, Горан Николовски, адвокат застапник на М-НАВ.
Тасевски ги негира овие наводи и вели дека ќе разгледа дали има основ за тужба во целиот случај. Не знае кој го следи, но се сомнева и во лажно пријавување.
„Очигледно дека М-НАВ веќе влегува во паника поради тоа што не им успеваат намерите да го растурат синдикатот и сега на некаков начин се обидуваат да внесат немир меѓу членовите. Што, тие ангажирале некаков си детектив, ме следат мене ли?! – Имаат многу попаметна работа. Ете, ќе се докажуваме. Ама знаете дека за лажно пријавување се одговара и на друг начин, така да тоа е тоа. Ќе ја почнат играта и самите ќе си пропаднат во таа дупка“, возврати Александар Тасевски, претседател на ССКЛ.
Тензиите меѓу М-НАВ и синдикатот на контролори на летање започнаа со најавата за петчасовен генерален штрајк во октомври минатата година, со кој ќе се затвореше македонското небо поради барања за подобри услови и департизација. Натегањата сè уште траат, откако штрајкот беше стопиран со судска забрана и оспорен како незаконски од страна на М-НАВ, но таа одлука падна на Апелација. Судот повторно го оцени како незаконски штрајкот на струковиот синдикат, а поради најавите за нови штрајкови, М-НАВ поведе и посебна судска постапка со која бара утврдување дека ССКЛ генерално нема право самостојно да настапува и да организира вакви активности.
Петар Догов
