Партиите за Претседателските и парламентарните избори во 2024 година потрошиле 2 милиони евра повеќе од предвиденото за рекламирање. Ист отака Државната изборна комисија трошела без доказ за потрошените пари а и набавувала материјали без јавност туку со преговарање. Во извештајот за работатата на ДИК ревизијата го отвора и прашањето за трошоците за гласање во странство.
Два милиони евра повеќе од дозволеното за предизборен маркетинг во 2024 година потрошиле политичките партии. Од парите од буџетот се рекламирале, а Државната изборна комисија им го овозможила ова и покрај тоа што е спротивно на закон, утврдила ревизијата. 129 милиони денари биле пренасочени и наместо за изборни активности се потрошиле за политички маркетинг. Иако соодносот требало да биде една третина наспроти две третини, парите биле поделени 50 / 50 па ревизорите дале препорака ова да се поправи. Исто така за ревизорите е нефер распределбата на парите од буџетот кои партиите ги добиваат од добиен глас, бидејќи најголемиот дел го делат најголемите партии.
„Распределбата на вкупните средства не обезбедува објективни критериуми за распределба на јавните средства, давајќи значителна предност на најголемите парламентарни партии, притоа ограничувајќи ги можностите на останатите партии и независните кандидати да ги претстават своите програми на радиодифузерите, електронските и печатените медиуми“, велат од Државниот завод за ревизија.
Според ревизорите во ДИК се трошеле пари за јавни набавки без јавни тендери туку со договор во четири очи. Исто така недостигале и патни налози, фискални сметки како доказ за палтени пари во финансиските извештаи. Дури пола од сумата во јавните набавки била потрошена во постапки само со преговарање без оглас.
„Од спроведените 34 постапки за јавна набавка, 5 се спроведени во хартиена форма, односно како постапки со преговарање без претходно објавување на оглас во вкупна проценета вредност 90 милиони 905 илјади денари што претставува 50,22% од вкупната проценета вредност на постапките“, додаваат од Ревизија.
Меѓу другото државниот ревизор го отвора и прашањето од оправданоста на трошоците за гласање на дијаспората неоспорувајќи го уставното право на глас на секој граѓанин. Но сметаат дека од регистрирани 2571 гласач на гласање излегле само 809 избирачи, а за патувањето на одборите кои го реализирале процесот се потрошени 420 илјади евра. Според ревизорите потребно е да се изврши анализа на постапката и начинот на гласање на граѓаните кои за време на изборите се наоѓаат на привремена работа или престој во странство.
Билјана Николовска
Дигитална обработка: Т.Д.
