Британскиот неделник „Економист“ излезе со иронична насловна фотографија на американскиот претседател Доналд Трамп. На неа тој е со воена кацига што му паѓа пред очи и илустирана е со напис „Операција Слеп Бес“, што е јасно иронизирање со официјалното име на воздушната кампања против Иран – „Епски бес“.
„Не се обложувајте против Доналд Трамп. Ниту еден политичар не може да ѝ пркоси на политичката гравитација, како човекот чии симпатизери го нападнаа Капитол на 6 јануари во 2021 година, за тој да биде повторно избран во 2024 година. Сепак, тешко е да се замисли кризна состојба која попрецизно може да ја пренасочи траекторијата на неговата претседателска кариера од неговиот лошо проценета и непромислена војна против Иран. Војната која трае со месеци, би можела да го урне. Причината е што борбата против Иран намалува три супермоќи на господинот Трамп – неговата способност да наметне сопствена реалност во светот, неговата немилосрдна употреба на влијание и неговата доминација над Републиканската партија. Дури и без Иран, силата на тие предности на Трамп веројатно би ослабела кон средината на мандатот. Војните ги забрзуваат промените“, пишува „Економист“.
„Економист“ е основан во 1843 година. Разработува широк спектар на теми од политика, економија, наука, технологија, култура, итн. Познат е по својата аналитичност и често со либерална ориентација кон глобалните прашања. Специфичен е што не користи традиционален новинарски стил во кој новинарите се обично потпишани како автори на текстовите, туку е познат по анонимната редакција.
