Се заколна дека ќе ги почитува Уставот и законите, а на граѓаните им вети дека ќе работи на тоа да ги исполни нивните очекувања. Им се заблагодари на колегите судии, владата и пратниците. Очекувал поголема поддршка од 66-те гласа кои ги доби од владејачкото мнозинство, но не му е товар тоа што опозицијата не гласаше за него.
„Да бидам искрен очекував поширока поддршка. Секој кажан збор во поглед на вчерашната расправа, секој збор беше од големо значење. Товар не чувствувам, политиката е на политичките партии, никогаш не била мој интерес, ниту во минатото, ниту во иднина. Без оглед колку гласови сум добил, одговорноста зависи од тоа што како законска обврска е предвидено. Пред себе сум го имал Уставот, законите и меѓународните стандарни и сите меѓународни документи кои се дел од нашиот правен поредок“, изјави Ненад Савески, новиот државен обвинител.
По пораките и обврксите што вчера му ги испратија од собраниската говорницата пратениците од владејачкото мнозинство, новиот обвинител вели дека нема да има приоритети и селекција на предмет ниту ќе работи по тоа кој како го повикал да работи.
Савески од собранието продолжи во обвинителството каде ќе се сретне со колегите обвинители со кои соработувал до 2016 година кога стана судија. Модернизација и дигитализација му се меѓу приоритетите во работењето на обвинителството. Дали ќе има доволно средства ќе знае кога ќе ја види конечната верзија на законот за јавно обвинителство кој е во собраниска процедура.Тој очекува поддршка и од институциите задолжени за финансии затоа што на обвинителството му требаат финансии за ефикасна борбата со криминалот. На јавноста и медиумите им вети дека обвинителството ќе биде трансапрентно и отчетно.
Елена Ивановска Мукоска
Дигитална обработка: Т.Д.
