Не е постигнат договор меѓу претставниците на Националната земјоделска мрежа и министерот Трипуновски, кои на денешната средба побараа ревидирање на годинашната програма за директни плаќања и враќање на субвенционирањето според програмата од 2025 година. Тие се жалат дека не можат да ги исполнат критериумите, многу од нив ќе останат без државна помош, а со условено субвенционирање, да предадат 30% од производството, добивка ќе имаат само откупувачите.
„Проблемот е во тоа што земјоделците ќе ги продаваат производите на откупувачите под производствените цени. Фактички се уценети. Тоа не го поддржуваме. Тоа може да се реализира кога ќе имаме заштитени и економски оправдани цени“, вели Ѓорѓи Каракашев, земјоделец.
Лозарите бараат уште сега да се објави производната цена на грозјето и да има загарантиран откуп за следната реколта.
„Лозарството е тотален колапс. Бараме конкретна помош, средствата да одат директно до лозарите. Изминатите две години немавме никаква помош“, рече Зоран Јанкулов, лозар.
И сточарите се незадоволни од разговорот со министерот. Иако државата им должи субвенции за ланската година, на денешната средба им било најавено дека деновиве ќе добијат пари за само три месеци, а категорично било одбиено нивното барање да се врати старата програма за субвенционирање.
„Ние сточарите сме најмногу оштетени. Од 12.000 денари по грло добиток субвенцијата се намали на 8.000. А литар млеко добиваме 8 денари субвенција, што е многу мала во споредба со околните држави од каде наплив на субвенционирани производи“, вели Борче Бучнски, сточар.
Од Министерството за земјоделство не соопштија детали од денешната средба. На нивната веб-страница објавија дека денеска се исплатени над 280 милиони денари кон повеќе од 4.700 корисници, во рамки на програмите за финансиска поддршка во земјоделството. Дел од парите се наменети и за сточарите.
Емилија Мисирлиевски
Дигитална обработка: Т.Д.
