Поевтинуваат над 300 лекови од кои 156 оригинални, 174 генерички и 13 од интервентен увоз, соопшти министерството за здравство по спроведеното годишното усогласување на максималните цени на лековите за 2026 година во согласност со важечката методологија за формирање на цените.
Како што е најавено, новите цени ќе почнат да се применуваат од 1 мај годинава по периодот во кој фармацевтските компании ќе ги усогласат цените во прометот на големо и мало.
„Особено го издвојуваме намалувањето на цената на лекот „Ксарелто“ („Ривароксабан“), кој се користи во третман на кардиоваскуларни заболувања. Кај овој лек е постигнато значително намалување на цената во прометот на големо: за таблетите од 15 и 20 милиграми – од 2.307,48 денари на 1.606,10 денари, за таблетите од 10 милиграми – од 824,10 денари на 589,45 денари“, се додава во соопштението.
Според министерот Алиу, со оваа мерка се овозможува поголема достапност на терапијата за пациентите, особено имајќи предвид дека станува збор за лек што често се набавувал од странство поради пониски цени.
Министерството за здравство информира дека овој лек е приоритет за вклучување на позитивната листа за примарна здравствена заштита во текот на 2026 година.
„Предлогот е веќе доставен до Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување, со што се очекува дополнително олеснување на трошоците за пациентите преку утврден надомест од државата, а пациентот ќе имаат право на избор на лек од друг производител. Министерството за здравство останува посветено на креирање политики што обезбедуваат квалитетна, достапна и одржлива здравствена заштита за сите граѓани“, се нагласува во соопштението.
