„И што ќе прави сега, ќе дојде овде да предлага закони?“, праша претседателот на собранието во одговор на критиките на претседателот на Уставниот суд дека законодавниот дом е уставно недисциплиниран орган и дека повеќе нема да толерира игнорирање на нивните одлуки. Рече дека кога се критикува, треба да се гледа пошироката слика, затоа што кога пратениците предлагаат закони, процедурата е побрза, иако и тогаш се чека мислење од владата, но најчесто доцнењето е низ владините лавиринти. Тврди дека постојано бараат од нив да реагираат побрзо.
„Секоја институција, особено една од најважните, треба да си ја врши функцијата врз основа на уставот и законите. И на него и на другите им препорачувам секој да се грижи за институцијата што ја води, а не да гледа во туѓиот двор. Носењето на закони не зависи само од Собранието, туку и од низа владини институции, затоа и товарот на доцнењето не смее да падне само врз оваа институција“, рече Африм Гаши на денешната средба со новинарите.
Одговорот на прашањето „што ќе прави?“, Костадиновски веќе го даде деновиве, велејќи дека сега, кога ќе гласа или ќе дава предлози како судија, ќе оди со одложен ефект за да нема веќе компромиси, затоа што Собранието покажало непочитување кон Уставниот суд. Тој критикуваше дека во повеќе наврати, судот носел одлуки со кои му дава рок на законодавецот да го усогласи законот со Уставот. Но, парламентот честопати не постапувал по тие одлуки и роковите истекувале без промени во законите. Како примери ги спомна Кривичниот законик, каде што Собранието имало дури 10 месеци да реагира. Рок им е одреден и за Законот за електронски комуникации, но повторно се поминати два до три месеци и нивната одлука не се почитува.
Гаши, пак, во одбрана на институцијата што ја води, рече дека тие не можат сами да донесат Закон за електронски комуникации, затоа што немаат експерти и повторно ја префрли одговорноста врз владините институции. Изборниот законик, пак, вели е заглавен во работната група во Министерството за правда, која работи со бавно темпо.
Далиборка Демјанска Цветановска
