Струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов, обвинет за финансиски криминал вреден десетици милиони евра, седна на обвинителна клупа. Во кривичниот суд во Скопје денеска се одржа подготвително рочиште, по што ќе следува материјална расправа за обвинението.
Обвинети се 10 луѓе и 14 фирми. Крмзов и неговите внуци од брат и сестра Васе Панајотов и Зуле Кармзова Василева, се обвинети како организатори на злосторничкото здружување кое преку формирање различни фирми, меѓусебно си издавале фактури со невистинита содржина за да може да си наплатат поврат на ДДВ од државата или да го намалат данокот што треба да го платат.
Освен нив, обвинети се уште четворица нивни бизнис соработници. Се товарат за даночна измама и за перење пари. Обвинети се и нивните фирми. Тројца сметководители се обвинети за несовесно работење во службата, зашто, по барање на обвинетите, ги евидентирале фиктивните фактури и ги доставувале до УЈП. На овој начин, според Обвинителството, прикажале повисок влезен ДДВ за 67 милиони евра, а од УЈП добиле поврат на ДДВ од 22 милиони евра, а со 7,5 милиони евра биле покриени даноци на фирмите.
Запленети се 500 кластери документација со 8.000 страници документи. И обвинителството и одбраната се повикуваат на истите документи, но различно ги толкуваат.
Меѓу обвинетите фирми има и пет кои биле продадени од членови на семејството Крмзов на непостоечки косовски државјани. Нивните сопственици не може да бидат лоцирани, па ќе им бидат назначени претставници и адвокати по службена должност.
Срѓан Стојанчов
