Неодамнешните случувања во трансатлантските односи, нивните импликации врз Европската Унија и координирањето на следните европски чекори, ќе бидат главна тема на неформалниот Самит на ЕУ што вечерва ќе се одржи во Брисел.
Како што наведува претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта во поканата до шефовите на држави или влади на членките на ЕУ за учество на Самитот, состанокот ќе започне со размена на мислења на лидерите со претседателката на Европската комисија, Роберта Мецола.
Одржувањето на Самитот Кошта го најави во неделата вечерта во објава на Икс, откако претходниот ден американскиот претседател Доналд Трамп најави воведување на санкции од 10 отсто од 1 февруари кон Велика Британија, Германија, Данска, Норвешка, Финска, Франција, Холандија и Шведска, поради, според него, нивното противење на неговата намера за преземање на Гренланд. Според Трамп, оваа царинска стапка би се зголемила на 25 отсто од 1 јуни и би важела сè додека „не биде постигне договор за купување на Гренланд“.
– Со оглед на значењето на неодамнешните случувања и со цел понатамошна координација, решив да свикам вонреден состанок на Европскиот совет во наредните денови, наведе Кошта.
Тој во објавата нагласи и дека неговите консултации со лидерите на земјите членки на ЕУ за најновите тензии околу Гренланд го потврдиле единството на Унијата за почитувањето на принципите на меѓународното право, територијалниот интегритет и националниот суверенитет и за поддршка и солидарност со Данска и Гренланд.
