Скопје е третиот најзагаден град со над 300.000 жители во Европа според последното рангирање на апликацијата „Мој воздух“. Пред нас се само белоруски Могилев и Сараево во Босна и Херцеговина. Според податоците на апликацијата, Скопје во моментов е во црвената зона, категоризиран како град со лош квалитет на воздух и со 90 ПМ2.5 честички на метар кубен воздух.
Истата судбина ја делат и останатите македонски градови. Загаденоста во Струмица, во Куманово и во Тетово честопати е повисока од онаа во Скопје, поради што активистите бараат конкретни решенија за ситуацијата.
„Прво само да прецизирам, Скопје е меѓу најзагадените во светот, ама ги земаат предвид само големите градови, по податоците излегува дека Струмица е позагадена и од Скопје, што е малку апсурдно. Сега, ние на 24 јануари подготвуваме протест пред „Глобал“. Не очекуваме веднаш нешто да се смени, макар што по последниот протест цел месец имавме чист воздух и политичарите се фалеа дека се слуша гласот на народото, ама имавме ветер, инаку не е сменето ништо“, вели Горан Станишлевиќ, екоактивист.
Но, за активистите само јавниот притисок може да ги придвижи работите кога институциите се бавни. Тие сметаат дека обединувањето на граѓаните околу вакви клучни прашања даваат постепени, но загарантирани резултати, бидејќи се гради свесност за оапсноста од загадениот воздух. Тие велат дека токму под јавниот притисок биле набавени нови мерни станици со кои полесно се следи загадувањето и изворите.
„Точно е дека домаќинствата се голем загадувач, ама има и други. Еленица од индустриските објекти користи петрол кокс и нема филтри ама, пак, нивната печка е во ремнт и во моментот не работи, што значи и многу други загадуваат, воздухот мириса на пластика“, вели Станишлевиќ.
Во Струмица за една седмица ќе се одржи протест во центарот на градот со цел да се алармираат институциите и инспекциите и да ги лоцираат најголемите загадувачи, но и да ги предупредат дека загадувањето е црвена линија од која граѓаните нема да отстапат додека не се реши.
Министерството засега не прецизира какви мерки ќе се преземат надвор од интервентните според кои се препорачува седење на затворено и движење со заштитни маски во периодите на најголемите загадувања.
Сузана Мицева
