Европската Унија и блокот на јужноамерикански држави наречен МЕРКОСУР, конечно, го потпишаа долгонајавуваниот договор за слободна трговија за зајакнување на трговските врски во услови на растечки протекционизам и тензии во светот. Документот е опишан како историски и најамбициозен досега, на него се потрошија повеќе од 25 години, а пред да стапи на сила, потребно е да се надмине и последната пречка – ратификација во Европскиот парламент.
„Избираме фер трговија пред царини. Избираме долгорочно партнерство пред изолација. И пред сè, имаме намера да им обезбедиме реални и опипливи придобивки на нашите луѓе и на нашите бизниси“, рече Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија (ЕК), по потпишување на договорот.
Церемонијата на потпишување во Асунсион означува голема геополитичка победа за ЕУ во ерата на американски царини и зголемен кинески извоз, проширувајќи го упориштето на блокот во регион богат со ресурси, кој е сè повеќе оспоруван од Вашингтон и од Пекинг.
„Договорот на ЕУ со МЕРКОСУР испраќа моќна порака. Тој вели: добредојдовте на најголемиот пазар во светот и најголемата зона на слободна трговија на планетата. Ова е моќта на партнерството и отвореноста. Ова е моќта на пријателството и разбирањето меѓу луѓето и регионите преку океаните. И вака создаваме вистински просперитет“, порача Фон дер Лајен.
Договорот меѓу Европската Унија и МЕРКОСУР испраќа и порака дека Јужна Америка одржува разновидни трговски и дипломатски односи во услови кога претседателот на САД, Доналд Трамп прогласува доминација во западната хемисфера. Парафот дојде, речиси, истовремено со објавата на Трамп дека воведува царини за осум европски земји кои испратија воен персонал на Гренланд
„Ова беа повеќе од 25 години страдање и обиди за постигнување на договор. Европската Унија и МЕРКОСУР ќе напишат историја со создавање на една од најголемите зони на слободна трговија во светот, која ќе обедини околу 720 милиони луѓе и БДП од повеќе од 22 трилиони американски долари“, изјави Луис Игнасио Лула да Силва, претседател на Бразил.
МЕРКОСУР е кратенка за Јужен заеднички пазар и основан е како регионален трговски договор во 1991 година од Аргентина, Бразил, Уругвај и Парагвај. Договорот кој ја создава една од најголемите зони за слободна трговија во светот и кој се очекува да го поевтини купувањето за над 700 милиони потрошувачи доаѓа во период на притисок од големите одгледувачи на добиток во Јужна Америка и индустриските сектори во Европа кои по нови пазари за автомобили и машини.
Договорот ги опфаќа царините за повеќе од 90% за стоки и услуги меѓу европскиот пазар и пазарите на МЕРКОСУР. Дел од нив, сепак, постепено ќе се намалуваат во текот на 10-15 години, а клучните земјоделски производи како говедското месо ќе бидат ограничени со строги квоти во обид да се смират стравовите на европските земјоделци.
Според дипломатски извор од ЕУ, 21 земја членка гласале за одобрување на договорот, додека Австрија, Франција, Унгарија, Ирска и Полска биле против, а Белгија воздржана. За одобрување беа потребни најмалку 15 земји што претставуваат 65 отсто од населението на ЕУ. За да ги придобие скептичните земји, Европската комисија воведе заштитни мерки што овозможуваат суспензија на увозот на чувствителни земјоделски производи, ја зајакна контролата на увозот, формираше кризен фонд и најави дополнителна поддршка за земјоделците.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц го поздрави договорот за кој рече дека ќе биде добар и за Германија и за Европа, но додаде дека 25 години преговори се предолго и дека идните трговски договори мора да се склучуваат побрзо. Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта го оцени договорот дека носи конкретни придобивки за европските потрошувачи и компании. Во објава на социјалната мрежа Икс, тој наведе дека договорот е важен за суверенитетот и стратешката автономија на ЕУ, бидејќи ѝ овозможува на Унијата да ја обликува глобалната економија.
Сашко Димовски
