Двајцата жители на Скопје кои помогнаа во бегство на 18-годишен возач по сообраќајна несреќа со загинат пешак се обвинети за „Помагање на сторител по извршено кривично дело“, казниво според член 365 став 2 од Кривичниот законик, соопшти Обвинителството.
Несреќата се случи на 9-ти јануари по што 18-годишниот Саит Саитов избега од државата оставајќи ја на скопскиот коловоз 79-годишната Љуба Јаковлеска која почина од ударот на возилото на тинејџерот. Истрагата за несреќата трае и покрај возачот за кого е распишана меѓународна потерница, осомничен е и неговиот татко.
Истрагата за помагањето на бегство заврши и е утврдено дека мажот и жената „со “Мерцедес” дошле до домот на осомничениот веднаш по сообраќајната несреќа, го зеле заедно со неговиот татко и преку граничниот премин Табановце ги пренеле во Србија.“ По помагањето, се вратиле околу полноќ во државата.
Двајцата се во притвор, жената во домашен, а обвинетиот маж во затворски притвор. За делото за кое се обвинети предвидена е затворска казна од три месеци до 5 години.
Во продолжение, целото соопштение на Јавно обвинителство
Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против маж и жена кои како соизвршители се товарат за – Помагање на сторител по извршено кривично дело, казниво според член 365 став 2 од Кривичниот законик.
Обвинетите, на 9 јануари, заедно со умисла му помогнале да побегне на лице осомничено за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот и за неукажување помош на повредена во сообраќајна незгода.
Со автомобил “Мерцедес” со скопски регистарски ознаки, мажот и жената дошле до домот на осомничениот веднаш по сообраќајната несреќа, го зеле заедно со неговиот татко и преку граничниот премин Табановце ги пренеле во Република Србија. Таму ги оставиле, по што помагачите се вратиле во земјава околу полноќ.
Јавниот обвинител, со обвинението, поднесе и предлог за продолжување на претходно определените мерки од судот – притвор за обвинетиот и куќен притвор за обвинетата.
Осомничениот за сообраќајната несреќа со смртни последици се уште е недостапен на органите на прогонот и по него трагаат полициските органи врз основа на издадената наредба за меѓународна потерница од ОЈО Скопје.
Во исто време, обвинителството презема дејствија за испитување на евентуална одговорност и на други лица во овој настан.
Член 365 став 2 од Кривичен Законик
Тој што ќе му помогне на сторител на кривично дело за кое е пропишана казна затвор од пет години или потешка, ќе се казни со затвор од три месеци до пет години.
