Зимскиот распуст е поубав со книга. Со неа никогаш не ви е здодевно. Сепак почетокот на второто полугодие би требало да го даде одговорот дали навистина е така за новите генерации кои се повеќе минуваат време на социјалните мрежи и на мобилните телефони. Голем број родители се жалат дека е вистински предизвик нивните деца да ги прочитаат барем лектирите, да не говориме за книги по сопствен избор. Сето ова го потврдуваат и во книжарниците каде за жал мал е интересот на млади читатели.
„Воглавно се бараат наслови што од секогаш биле во наставната програма како „Малиот принц“, „Петар Пан“, „Хамлет“, „Илијада“, значи наслови што од секогаш биле тука. Се надеваме дека тоа што немаме многу посетеност се должи на тоа што родителите, младите и децата ги зајмуваат книгите од библиотеки, затоа што кога има некоја нова книга во наставната програма, што ја нема во библиотека. Тогаш гледаме дека има пораст на продажбата“, изјави Милена Сиљаноска од книгоиздателство ТРИ.
Дури и кога младите по свој избор бираат книга, најчесто нивниот критериум е таа биде на англиски јазик, без оглед што преводната дејност кај нас ги следи современите книжевни достигнувања во светски рамки.
„Да бидеме реални, тешко е да ги натераш да читаат книги, лектирите не ги читаат, не па нешто друго. Периодов има измена на дел од лектирите. Генерално и со моите деца се соочив со проблем со лектирите, Итар Пејо и слично за да ги разберат сега има промена во лектирите за основно и за средно и за овој зимски распуст купуваа лектири“, вели Ивана Божиновска од книгоиздателство Антолог.
Вистина е парадоксална ваквата ситуација, вели Петар Андоновски, затоа што сега имаме хиперпродукција на литература за деца, специјализирани издавачки куќи за деца кои ги следат светските трендови, чудесни илустрации и креативен пристап како да се задржи вниманието на детето.
„Мислам дека тука образованието треба да има големо влијание. Треба да се направи голема промена кај самите лектири. Многу од лектирите не кореспондираат со времето во кое живееме. Па некои нови генерации особено родени по 2000-та кои се пораснати во едно сосема поинакво и различно време не можат да се идентификуваат или пронајдат“, смета писателот Петар Андоновски.
Се очекува годинава Бирото за развој на образованието да изготви нов лектирен список за основното образование за кој беше консултирана стручната јавност, наставници, родители и ученици кои имаа можност да достават свои предлози.
Нина Стефанова
