Македонските превозници се приклучуваат кон блокадите на границите кон земјите од Шенген зоната. Причината за ова е новиот систем за влез и излез во овие држави со кои на камионџиите од Западен Балкан им се ограничува престојот. Синоќа на состанок едногласно била донесена одлуката дека и тие излегуваат на протестот со меѓународните превозници од БИХ, од Србија од Црна Гора.
Од Асоцијацијата алармираат дека ако не промени нешто, освен транспортот, големи штети ќе трпи целата економија и државата. Предупредуваат дека може да се појави недостаток на одредени производи. Се обратиле и до Европската комисија од каде се бара да немаат ограничувања, затоа што тоа се работници, а не туристи. Од таму одговор, дали ќе се промени нешто или не требало да добијат до вчера, но бидејќи нема ништо повратно паднала одлука за блокади.
„Што значи дека на овој начин ќе дојде до застој на испорака на репроматеријали на трговски производи за широка потрошувачка затоа што процесот на превозот ќе се продолжи. Верувам дека одредени фирми ќе бараат странски превозници, но сега веќе нем можат да бараат ниту од Србија ниту од Босна и ќе мора од ЕУ трошокот за тоа би бил огромен како прво а како второ не ни сакаат да доаѓаат затоа што треба да се чека на граничните премини“, изјави претседателката на МАКАМТРАНС, Биљана Муратовска.
И од бизнис секторот сериозно се загрижени за ограничувањето.
„Тоа сето ги зголемува оперативните трошоци на работење на транспортните компании директно, а индиректно и нам и на целокупната економија. Уште еднаш ќе напоменам не е ова нешто што нас не засега ова е ланец кој што потоа ќе повлече многу други проблеми“, соопшти за Телма, Марија Дуковска Павловска, генерална директорка на Макстил.
Велат и дека ја известиле и Владата и им било посочено дека за ова ќе се погрижи министерството за транспорт. Блокадите на превозниците од регионов се најавени за 26 месецов.
Во земјава има околу 2.700 превозници за меѓународен транспорт. Муратовска потенцира и дека увозот и извозот на домашната економија најмногу се одвива по патен сообраќај.
Ирена Чачкова
