Вирусот на грип зимава ја однесе првата жртва. Седумдесет и петгодишна жена пред три дена починала на Инфективната клиника. Кај неа лабораториски било потврдено присуството на инфлуенца А, а жената имала и многу коморбидитети. Директорот на Клиниката за инфективни болести, д-р Фадил Цана, информирајќи за случајот на починатата пациентка, рече дека таа не била вакцинирана од грип.
Инаку, во моментов на Инфективната клиника се хоспитализирани 25 пациенти, поради компликации предизвикани од вирусот на грип од кои двајца се на респираторна поддршка на одделот за интензивна нега, а дел од пациени се на кислородна поддршка. Поголемиот дел од хоспитализираните се возрасни, со хронични заболувања, и пациени кои не се вакцинирани од грип. Очекувањата на Цана се дека пикот на ширењето на вирусот ќе биде кон крајот на месецов.
„Статистички, би требало крајот на јануари, почетокот на февруари да е пикот и потоа се очекува да почне пополека да спласнува“, рече Цана.
Цана како најдобра заштита од вирусот на грипот го посочува сезонското вакцинирање.
„Вакцинацијата е единствената превентива. За пациентите кои заболуваат од грип, единствена превентива е вакцинацијата. Тоа треба секоја година да се одвива и луѓето да се освестуваат дека може некогаш да има и некои компликации, од обичен сезонски грип и да има лош исход“, рече Цана.
Во првата недела од годинава, поточно од 29 декември до 4 јануари, како што објави Институт за јавно здравје, пријавени се 1.725 случаи на грип, што е за 2,2 пати повеќе од претходната недела, за пет пати повеќе од истиот период лани. Најголем број од пријавените случаи 749 се на возраст од 15-64 години, а 847 се деца до 15 години. Најмногу пријавени случаи се во Скопје – 716, во Тетово – 339, по што следи Куманово со 150 случаи.
Првиот човек на Инфективната клиника информираше дека кај нив петкратно е зголемен бројот на амбулантските прегледи.
Тамара Грнчароска
