Чадот од цигарите содржи 4.000 канцерогени супстанци и сето тоа ние го вдишуваме и пушачите и пасивните пушачи, не по своја волја. Тоа го вдишуваат и малите деца кои не се во позиција да одлучуваат, вели доктор Ѓорѓиевски. Но, мора да се подигне свеста за здравствената култура во сите институции и законот да се применува.
„Она што го гледам во самиот закон и во најавите убаво е дека треба да има зони за пушачи и зони за непушачи и сега веќе имаме некои локали, со одредени простори и вистинска вентилација каде што чадот од цигари во пушачкиот дел вие реално и не го чувствувате. Но тоа треба да важи за сите. Ако веќе се воведува како закон, доследно и да се спроведува. Она што мене како лекар повеќе ме загрижува е кога ќе ја видам сликата на пушачи пред здравствени институции, каде што најчесто се лекари, медицински сестри, каков впечаток оставаат пред пациентите, токму тие здравствени работници кои пушат пред влезовите на своите здравствени институции“, изјави д-р Драган Ѓорѓиевски, претседател на ЗЛОМ – СМ.
Во исто време, Македонија е земја која мора да размислува за сите ризици по здравјето на луѓето, вклучувајќи го и проблемот со загадениот воздух, но и да бидеме свесни за финансиските аспекти, додава Ѓорѓиевски. Во голем број случаи, дел од граѓаните бурно реагираат на Законот за заштита од пушење и заслужуваат да ја знаат реалната слика.
„Треба да им се објасни кои се придобивките. Ние мора да знаеме дека сме држава која што треба и да штеди финансии. Фондот за здравство реално троши енормни суми на пари за лекување токму поради немање превенција на болести. Кога вие ќе спречите од пушењето да се развие ХОББ, карцином, миокарден инфаркт и слично, кога вие ќе го спречите загадувањето… Јас не можам да разберам зошто не се работи на загадувањето, многу малку се работи на тоа“, додава д-р Ѓорѓиевски.
Системските проблеми бараат системски решенија, вели Ѓорѓиевски. Без импровизации и не може да се става акцентот само на казните во еден закон за кои реагираат некои граѓани, без да се размислува кои беа причините кои денес доведоа да разговараме за нов закон за заштита од пушењето.
Нина Стефанова
