Нова година, а стари проблеми во културата. Синдикатот за култура на Македонија реагира во врска со упатство за пресметка на платите , испратено на 29 декември од министерот за култура и туризам Зоран Љутков до вработените во институциите од културата. Од СКРМ велат дека упатството е исто со пресметката за плати што лани во март ја добија, која според нив е незаконска зашто им крати 3% од платите што треба да ги добијат со покачувањето , согласно Општиот колективен договор за јавен сектор.
- Со ова упатство повторно имаме кршење на Општиот колективен договор за јавен сектор . Односно 10% се пресметуваат спротивно на начинот на кој што е утврдено во Општиот колективен договор за јавен сектор, односно е дадена разликата помеѓу платата во месец август и месец септември 2023 година, рече Вера Атанасовска, претседателка на СКРМ.
За ваквиот начин на пресметка СКРМ веќе достави 800 тужби и досега имаат добиено 15 судски пресуди во нивна корист. Во нив јасно е кажано дека пресметката на платите е спротивна на Општиот колективен договор за јавен сектор. Пресудите се доставени до институциите од културата од каде потекнуваат , а министерот е информиран за незаконското постапување, вели претседателката на Синдикатот. Според неа, Љутков го доставил упатството со негов, но без потпис на лицата што ја направиле пресметката или ја одобриле.
- Упатство донесено од министер не може да биде над законите и над колективните договори, кажа Атанасовска.
Во декември владата му даде насоки на министерот за култура и туризам за изготвување упатство за пресметка на платите во културата. Упатството е направено без да биде свикана Комисија што ќе го протолкува Општиот колективен договор, дополнува Атанасовска. Таа најави правна битка за поништување на упатството.
За случајот Телма испрати прашања до Министерството за култура и туризам. Но , до емитувањето на прилогот не добивме одговор.
Сотир Трајков
