Некои зеле надоместок, некои не, зависи во која општина живеат. Членови на избирачките одбори од локалните избори кои се одржаа на 19 октомври и на 2 ноември се жалат дека не ги добиле парите што им следуваат за нивниот ангажман за изборите, иако си ги планирале за новогодишните празници. Загрижени се дека шансите да ги земат овие пари пред Нова година исчезнуваат. Во некои општини им рекле дека ќе почекаат за парите уште 2-3 месеци.
Избирачките одбори се оние луѓе што го подготвуваат секое гласачко место, местат паравани и кутии, а потоа го проверуваат идентитетот на граѓаните и им издаваат гласачки ливчиња за да може да гласаат и на крајот на изборниот ден ги бројат гласовите. На секое гласачко место има избирачки одбор од претседател и четири члена. Тие имаат заменик претседател и заменици на членовите. Избирачките одбори се бираат по случаен избор од вработените во администрацијата, а за нивната работа за изборите им следува надоместок. Во секоја општина има Општинска изборна комисија од претседател и четири члена и нивни заменици.
За парламентарни и претседателски избори, надоместокот на избирачките одбори го плаќа ДИК, но за локални избори надоместокот треба да го платат општините. Но, ако општините немаат пари или ги пренаменат за други потреби, членовите на избирачките одбори ги чекаат заработените пари со месеци.
„Законски рокови во однос на исплатата не постојат, нема конкретно дефинирани рокови до кога треба да се изврши таа исплата. Она што е многу важно и специфично за локалните избори е што исплатата на избирачките одбори ја врши локалната самоуправа. Во однос на тоа, Државната изборна комисија во неколку наврати се обрати до Министерството за локална самоуправа, до ЗЕЛС, како и до сите општини во кои дописи укажуваше на потребата при креирање на општинските буџети да се обезбедат и средства за исплата на избирачките одбори. Правото за надоместок за избирачките одбори не се губи и тие средства секако дека избирачките одбори ќе ги добијат“, вели портпаролката на ДИК Радица Алексовска.
Опозициската СДСМ уште пред десетина дена критикуваше дека Општина Битола е со празна каса – не им платила на изборните органи и праша каде се парите. Општината одговори дека платила една четвртина од парите, а останатите 75 отсто ќе ги плати во првото тримесечје од наредната година.
Меѓу оние кои не добиле ни денар е Општина Аеродром.
Во зависност од големината на општината и од големината на гласачкото место, зависи и надоместокот што треба да го добијат општинските изборни комисии и избирачките одбори. На најмалите избирачки места надоместокот е од 12 до 16 илјади денари, а на најголемите од 18 до 22 илјади денари. Има додатоци за тие што биле на гласање во затвори или кај болни и изнемоштени. Претседателите и членовите на општинските изборни комисии, во зависност од големината на општината и бројот на гласачки места, треба да добијат од 20 до 100 илјади денари.
Срѓан Стојанчов
