Скопска апелација му ја зголеми казната на Васил Јованов за една година. Наместо 12, како што првостепно пресуди Кривичниот суд, доби 13 години затвор за сообраќајката во која смртно ја прегази Фросина Кулакова на пешачки премин под дејство на алкохол и со 91 км./ч. На првостепената пресуда се жалеше и одбраната чија жалба е одбиена како неоснована и обивнителството чија жалба е уважена.
„Пресудата на Основниот кривичен суд Скопје ја преиначи во делот на кривичната санкција, на начин што обвинетиот В.Ј. кој со првостената пресуда е огласен виновен за кривично дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ од член 300, став 2 во врска со член 297, став 1 од Кривилниот законик, се осудува на казна затвор во траење од 13 години. Во останатиот дел првостепената пресуда се потврдува“, соопшти Апелациониот суд Скопје.
На јавната седница во Апелација во октомври обвинителството побара повисока казна која нема да биде освета, туку правда којашто ќе спречи идни трагедии, ќе испрати јасна и гласна порака дека човечкиот живот е неприкосновен. Одбраната на Јованов бараше намалување на казната, рече дека станува збор за лов на вештерки, повикувајќи се на судската пракса за вакви кривични дела .
Јованов на почетокот на судењето во Кривичен призна вина и се извини на семејството на Kулакова по што доби 12 години затвор. Семејството, кое бараше максимална казна за ниту едно дете во иднина да не се најде на местото на Фросина, беше незадоволно од пресудата.
Претходно, Апелација му пресуди на Јованов три години и 10 месеци за предметот во кој е обвинет за трговија со дрога. За ова дело, Кривичен прво му пресуди заводска мерка да оди во поправен дом. Додека трае жалбената постапка, на 29 јануари ноќта, Јованов смртно ја прегазува Фросина Кулакова. На 7 февруари, Апелација ја преиначи казната за дрогата во ефективен затвор од три години и 10 месеци. Врховниот суд во мај ја укина пресудата затоа што Апелација не одржала јавна седница иако Јованов и неговиот адвокат го побарале тоа потоа Апелација одржа јавна седница и пресуди иста казна како првиот пат.
Елена Ивановска Мукоска
