Утрово, околу половина час – од пред 8 до 8:20 – не работеа повеќе популарни апликации како Zoom, Canva, LinkedIn, но и веб страниците на медиумите Politico и BBC.
Паднат беше и сервисот Down Detector. Голем број корисници пријавија дека во тој период не можеле да ги завршат своите работни и секојдневни обврски, бидејќи дел од платформите целосно престанаа да функционираат.
Експертите за интернет-безбедност велат дека не станува збор за сајбер-напад.
„Она што би сакал е да сумирам зошто се случи прекинот. Денес од Cloudflare објавија дека е направена конфигурација, односно промена во начинот на кој што Cloudflare ги штити своите клиенти за да се детектира и спречи напад. Од утрово има повеќе хакерски напади и Cloudflare се обидувал да ги спречи нападите. И најверојатно тогаш настанала грешката, па затоа дошло до тој прекин“, изјави Божидар Спировски, експерт за интернет безбедност.
Сличен ваков дефект имаше и кон крајот на ноември, кога голем број сајтови не функционираа со часови, но причината за тоа тогаш беше поради грешка при надградување на системот за управување со интернет адресите.
Тамара Марковска
