Граничниот премин Богородица-Евзони повремено се затвора за сообраќај поради штрајкот на грчките земјоделци. Македонските власти велат дека засега е мирно и протокот, главно на товарни возила се одвива без поголеми проблеми. Немаат информации како ќе се одвива понатамошното функционирање на преминот. Во моментов на интервали функционираат трите гранични премини кон Република Грција, а за евентулно затворање добивале дополнителни вести од грча страна.
На граничниот премин Богородица е врнежливо и тивко. Не се создавала гужва и за време на премините, бидејќи во одредени интервали се пропуштале, па нема колони и нервозни патници.
„И во изминатите два дена граничните премини Богородица, Дојран и Меџитлија повремено се затвораа. Граничните служби велат дека навреме се информирани од нивните грчки колеги за времето на затворање на границите, а оттаму, пак, информацијата се пренесува и до Автомотосојузот на Македонија. Штрајкот се очекува да продолжи и утре, но нема информации како ќе се одвива“, информираат граничните служби.
Грчките земјоделци го блокираа и граничниот премин кон Бугарија – „Кулата-Промахон“, како и некои од клучните делници во Северна Грција. Земјоделците не најавиле дали блокадите ќе бидат симболични или ќе траат подолго време. Голем број земјоделска механизација е поставена на повеќе делници, а земјоделците се гневни. Бараат исплата на целата помош што им ја должи државата, но и зголемување на откупните цени на производите.
Од грчката влада, пак, најавил дека сите обврски кон земјоделците ќе бидат подмирени до крајот на годината.
Сузана Мицева
