Uncategorized Вести Македонија

Спикерот Гаши помеѓу консензус и процедури: Анкетната комисија за сите случаи и Бадентерот во фокус

Пратениците ќе трагаат по политичка одговорност за трагедијата во Кочани – но дали во проширен формат, сѐ уште не е дефинирано. Собранискиот спикер Африм Гаши на денешниот брифинг кажа дека побарал да има само една Анкетна комисија, но остава простор партиите да се договорат меѓусебно. Иницијативите на власта и на опозицијата за Анкетна комисија утре се на пленарна седница – и на нив е да се договорат дали ќе ги спојат во една.

Според спикерот, се појавила дилема дали Анкетната комисија може да има последици врз судскиот процес кој веќе е во тек, но пратениците аргументирале – ќе се бара само евентуалната политичка одговорност, а потоа ќе има и реперкусии ако се констатира дека некој активен политичар влијаел на трагедијата.

Гаши вели и дека тој е еден од потпишаните на иницијативата за една Анкетна комисија, за сите трагедии низ годините.

„Продолжувам да настојувам за вакви сензитивни теми да имаме консензуално однесување и повисок степен на разбирање. Тоа останува на одговорноста на секоја пратеничка група и секој пратеник. На 9 декември претседателот на Постојаната анкетна комисија, Апасиев, има закажано состанок со родителите на починатите и повредените од Кочани, но тој ден имаме и Буџет на седница. Имаме покана и премиерот и јас и други личности да учествуваме. Побарав од координаторот Крмов да побара од Апасиев да ја одложи комисијата за друг ден, за да може да одиме и ние. Не знам како ќе одлучи и тоа е негово право. Никој од пратениците не треба да биде ставен во искушение да бира каде да присуствува“, кажа претседателот на Собранието, Африм Гаши. 

Додека трае обидот за постигнување на консензус по ова прашање, паралелно се одвиваат и другите процеси во законодавниот дом. На брифингот со медиумите, спикерот информираше и за Бадентеровото мнозинство.

Во моментов власта има четиринаесет немнозински пратеници и им недостасуваат уште шестмина за Бадентер. Гаши вели „менлива е состојбата според политичките договори“.

Премиерот Мицкоски, пак, не очекува блокади на законите од Реформската агенда.

„Што се однесува до Бадентеровото мнозинство во рамките на Парламентот, тоа честопати го поврзуваат со т.н. реформски закони. Јас не очекувам ниту еден пратеник во Парламентот, кога ќе дојде таков реформски закон на дневен ред којшто се разбира е поздравен од самата канцеларија на ЕУ во земјата, да гласа против или воопшто да не гласа. Јас воопшто не би го поврзувал Бадентеровото мнозинство со условно кажано реформската агенда“, изјави премиерот Христијан Мицкоски. 

Закони за кои е потребно Бадентерово мнозинство се оние што се однесуваат на реформите во правосудството, како и новиот Кривичен законик и Изборниот законик. Поради недостиг на двојно мнозинство, сè уште не се донесени измените и на Законот за локална самоуправа, исто како и новиот Закон за реорганизација на државната управа.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(видео)Кривична за 18-годишна девојка и две малолетнички за насилството врз девојче во Куманово

Дејан Дејан

Неизвесна наплата, нерационално управување со залихите, намалена ликвидност и сериозни проблеми со возниот парк, нотираа ревизорите во ЈП „Комунална хигиена – Скопје“

Дејан Дејан

ВЛЕН: Шест министерства за уште посилен мандат

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе