Бизнис објектив Економија

Запознајте ја Хрватката која ја претвора отпадната волна во зелено ѓубриво

Во Лика, оддалечен регион во Хрватска, сточарството отсекогаш играло значајна улога.

Мештаните велат дека овците хранеле и облекувале генерации од нивниот народ.

Сепак, во последните децении, како што побарувачката за волна се намалила и традиционалните практики на ткаење исчезнале, она што некогаш било вреден ресурс станало отпад.

Извештај направен за програмата LIFE на ЕУ заклучува дека грубата волна од земјоделството и колењето во Европската Унија генерира околу 200.000 тони отпадна волна секоја година. Во 2023 година, хрватската бизнисменка Драгица Јерков го претвори проблемот во бизнис, отворајќи фабрика во градот Оточац која ја претвора фрлената волна во органско ѓубриво.

-Кога ја отворивме фабриката, немавме поим дека станува збор за глобален проблем. Го сфативме тоа дури кога почнавме да посетуваме саеми за иновации. Тогаш стана јасно дека решивме нешто што никој друг во светот не успеал да го реши на начинот на кој ние го сторивме тоа, изјави Драгица Јерков, сопственик за фабрика.

За разлика од Австралија или Нов Зеланд, каде што расите овци произведуваат волна погодна за текстилната индустрија, во Хрватска овците се одгледуваат првенствено за храна. Нивната волна има груби, дебели влакна, несоодветни за правење меки, топли џемпери. Од хигиенски причини, овците мора да се стрижат еднаш годишно, создавајќи илјадници тони нов отпад, кој е тешко да се отстрани.

Волната се распаѓа многу бавно, во текот на речиси 100 години, и има тенденција да собира патогени микроорганизми. Се смета за потенцијално опасен материјал бидејќи може да содржи болести, вируси и бактерии.

За безбедно повторно користење, волната мора темелно да се исчисти и испере.

Но, од еколошки причини, перењето на волната е дозволено само во одредени центри за преработка во Европа, а не во Хрватска.

Јерков и нејзиниот тим соработници измислиле и патентирале неколку машини што ја чистат и ја подготвуваат волната за преработка. Една од нивните главни иновации е машина што ја стерилизира волната со помош на озон.

-Во шаторот, волната мора да отстои два месеци за да им се овозможи на сите паразити и штетници да изумрат. Потоа го користиме нашиот патентиран индустриски чешел за да ги отстраниме нечистотиите, како и сите преостанати штетници и паразити, осигурувајќи се дека тие нема да бидат сомелени во ѓубривото подоцна. После тоа, следува стерилизација, озонско-термална, која трае околу два часа и достигнува температури до 150 степени Целзиусови. Откако ќе се стерилизира, волната се сецка и пелетира, вели Јерков.

Најважната иновација во машината на Јерков е можноста за стерилизирање на волна со озон, така што не остава загадена вода. Тоа исто така значи дека обработката може да се врши во мали локални погони како оној во Оточац. Јерков вели дека нејзиниот успех не би бил можен без соработка со академската заедница и други иноватори.

На Земјоделскиот факултет во Загреб, професорот Габриел Ондрашек спроведува теренски и лабораториски студии користејќи различни дози на пелети од овча волна.

Тестовите покажуваат, вели тој, дека волната има позитивен ефект врз растот на растенијата.

-По стерилизацијата, волната дефинитивно може да се смета за висококвалитетно органско ѓубриво бидејќи е, пред сè, безбедно за употреба и без штетни несакани ефекти. Секако, многу е важно да се одредат точните дози и времето за секоја култура, така што нејзината употреба може да се оптимизира за секој вид растително производство, изјави Габриел Ондрашек.

Јерков вели дека волнените пелети се корисни за почвата, растенијата, па дури и за атмосферата. Бидејќи волната апсорбира влага, пелетите дејствуваат како мали резервоари од кои растенијата црпат вода кога е потребно. До 50 проценти од суровата волна е чист јаглерод. Тоа значи дека преработката на 100 тони волна во ѓубриво складира околу 50 тони јаглерод во почвата, јаглерод што инаку би влегол во атмосферата.

Изјава Драгица Јерков-сопственик за фабрика

-Јас мислам дека ова е најдобриот пример за циркуларна економија. Ние нешто што никој не го сметаше за вредно, она што многумина би го нарекле, во наводници, го транформиравме во висококвалитетно азотно ѓубриво, додава Јерков

Преку својата фабрика, Јерков им понуди на одгледувачите на овци во Лика можност да продаваат волна која инаку би се третирала како опасен отпад.

-Фактот што волната се користи на овој е многу значаен за мене и ме прави среќен, бидејки ние како еколошки произведувачи, како фирма која се занимава со производство на здрава храна, работиме на тоа тој цел циклус да се затвори. Не само волната, ние гледаме и отпадот од овците да го искористиме како ѓубриво. Така да се што може да се искористи треба да се искористи и да се намали производството на отпад, Марио Живковиќ, одгледувач на Овци.

Правејќи го тоа, таа им помогна да решат долгогодишен проблем, а воедно создадоа нова вредност.

К.К.

 

 

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ДЗС: Во 2025 година 911 бесправно изградени објекти

Kristina Kuzmanovski

Во првите пет месеци годинава индустриското производство намалено за 0,3 проценти

Kristina Kuzmanovski

Мицкоски: Струјата нема да поскапи, туку ќе биде поевтина за граѓаните

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе