Австралија станува првата земја во светот што воведува строга забрана за користење социјални мрежи за лица под 16 години. Од 10 декември, компаниите ќе мора да преземат „разумни чекори“ за да спречат малолетници да отвораат нови профили. Тие ќе бидат обврзани да ги деактивираат постојните сметки на корисниците под таа возрасна граница.
Според владата, целта е да се намалат притисоците и ризиците на кои се изложени децата, вклучувајќи штетна содржина, токсични трендови, насилни видеа, мизогинија, промоција на нарушувања во исхраната и самоубиство. Студија нарачана од австралиската влада покажала дека 96% од децата меѓу 10 и 15 години користат социјални мрежи, а седум од десет биле изложени на штетни содржини.
Забраната важи за десет големи платформи: Facebook, Instagram, Snapchat, Threads, TikTok, X, YouTube, Reddit, како и стриминг-платформите Kick и Twitch. Владата најави дека листата ќе се проширува според јасно утврдени критериуми.
Платформи како YouTube Kids, Google Classroom и WhatsApp не се опфатени бидејќи не се сметаат за класични социјални мрежи.
Компаниите се одговорни за спроведување на мерката и може да се соочат со казни до 49,5 милиони австралиски долари во случај на прекршувања. Од нив се бара да имплементираат технологии за проверка на возраста – од лични документи, до препознавање на лице или глас и системи за процена на возраста според онлајн однесување.
„Меtа“ најави дека веќе од 4 декември ќе почне со затворање на профилите на тинејџерите. „Snapchat“ дозволува проверка преку банкарска сметка, лична карта или селфи. Другите компании сè уште ги подготвуваат своите системи.
Стручњаците предупредуваат дека технологиите за проценка на возраста често имаат грешки, особено кај групата што треба да биде најмногу заштитена – децата. Дополнително, се смета дека казните се мали во споредба со профитите на технолошките гиганти.
Критичарите тврдат дека забраната може да ги турне младите во „темни“ делови на интернетот, наместо да ги направи побезбедни. Други предупредуваат дека тинејџерите што се потпираат на социјалните мрежи за заедница и поддршка ќе бидат изолирани.
Министерката за комуникации Аника Велс призна дека мерката „можеби нема да биде совршена“, но додава дека големите реформи „секогаш изгледаат неуредно на почеток“.
T.Д.
