Пензиското прашање повторно пламна во политички оган. По вчерашните обвинувања и негирање на релација премиер – Уставен суд, денеска и опозицијата се вмеша во расправата и ја лоцираше вината во власта.
Во фокусот на судирот е септемвриското зголемување на пензиите од илјада денари, како и дополнителната илјадарка напролет – пари кои во моментов се под закана. Начинот на пресметка дефиниран во новиот член од Законот за пензиите го отвори сомнежот на Уставниот суд, кој сега преиспитува дали формулата за добивање на линеарното покачување е усогласена со Уставот.
„Вчера за време на пратеничките прашања бев многу прецизен и кажав дека имам информации дека е отпочната постапка и дека судијата известувач ставил потпис на конечниот извештај со којшто се укинува линеарното зголемување на пензиите за пензионерите, од следниот месец. Дали тоа ќе се случи – ќе видиме наскоро. Дали сум бил во право и дали информацијата била точна или не – многу скоро ќе добиеме одговор. Јас би сакал да не сум во право, еве посакувам да не сум во право. Но, што ако сум во право?!“, изјави премиерот Мицкоски.
Вчера од собраниската говорница премиерот Мицкоски алармираше дека пензионерите се обесправени, а упати и низа обвинувања на адреса на Уставен и на судијата-известител Добрила Кацарска.
„Последните информации се дека одлуката веќе е донесена, дека е потпишана од нејзина страна и дека пензионерите веќе нема да добиваат линеарно зголемување на пензиите“, кажа на вчерашните пратенички прашања претседателот на Владата, Мицкоски.
Потоа Уставниот суд експресно возврати: одлука сѐ уште нема, а минатата недела судот по сопствена иницијатива оформи предмет за да утврди дали линеарното покачување е во согласност со Уставот.
Во меѓувреме, опозицијата денеска со остри критики кон власта – СДСМ обвинува дека намерно се создава хаос со пензиите.
„Владата на Мицкоски создаде тотален хаос со исплатата на пензиите, освен што ги излажа пензионерите сега се обидува вината да ја префрли на некој друг. Ако власта на ДПМНЕ доставила во Собрание закон кој е неуставен не може некој друг да биде крив освен тие што го поднеле. Прашањето е дали намерно ДПМНЕ им го направи ова на пензионерите?“, се вели во реакцијата на СДСМ.
Измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување што Собранието ги изгласа на крајот на јули веќе се преточија во повисоки пензии – првото линеарно зголемување пристигна со исплатата на први септември, а второто треба да биде догодина во март.
Петар Догов
